Култура
Милиќевиќ со изложба „Емпатија на светлина“ во Галерија Рудиќ
Во Галерија Рудиќ вечерва ќе биде отворена изложбата „Емпатија во светлина“ на фотографот Милорад Милиќевиќ.
Како што соопштуваат од галеријата, портретите на Милиќевиќ не се студиски аранжирани кадри, туку сведоштва за луѓе вкоренети во својот простор, време и културна традиција на која ѝ припаѓаат.
-Милиќевиќ не документира само лица – тој бележи приказни, традиција, верување, моменти на искреност кои не можат да се инсценираат. Неговите субјекти се спонтани, опуштени, прикажани во животни услови што ги дефинираат. Портрет може да направи секој. Но, добар портрет — оној што останува, што нè погодува таму каде што не сме очекувале – може да направи само оној што има вистинска емпатија кон другиот човек. Тоа не е прашање на занает, туку на карактер. Тоа или го носите во себе, или не. Милиќевиќ го носи. И го споделува со нас, стои во соопштението за изложбата.
Дополнуваат дека изложбата „Емпатија во светлина“ ја опишува суштината на фотографскиот пристап на Милиќевиќ — тивка, но длабока присутност, каде светлината не е само визуелен елемент, туку медиум преку кој се открива човечноста, традицијата и искреноста на неговите субјекти.
ноември 22, 2025

