Connect with us

Култура

Националниот џез оркестар ќе ја заврши годината со европска турнеја и три концерти во Скопје

Националниот џез оркестар (НЏО) денеска на прес-конференција ги соопшти активностите до крајот на 2025 година меѓу кои е претстојниот  заеднички концерт со американскиот состав „Јелоуџекетс“ (Yellowjackets) во НОБ и европска турнеја во Будимпешта, Прага и Виена во средината на идниот месец, како и два концерта во декември. 

На 6 ноември во Националната опера и балет НЏО ќе настапи заедно со легендарниот американски состав „Јелоуџекетс“- пионери на џез-фјужи жанрот и меѓу највлијателните ансамбли во современиот џез. Концертот ќе го води Боб Минцер, еден од најистакнатите современи џез музичари и долгогодишен член на Yellowjackets.

Директорот на НЏО Гоце Стевковски рече дека концертот ќе биде исклучителен музички настан зашто ја претставува соработката меѓу македонската и американската џез сцена.

-Концертот ќе понуди спој на енергија, импровизација и уметничка зрелост, карактеристични за двата ансамбла. Ќе биде вечер посветена на вистинскиот дух на џезот отвореност, комуникација и инспирација, изјави Стевковски. 

Европската турнеја на Националниот џез оркестар во Будимпешта (12 ноември), Прага (14 ноември) и Виена (17 ноември) ќе биде насловена „Македонски сновиденија” (Macedonian Dreams). Како што рече, ќе биде енергична фузија на фолклорни мотиви и современ џез. и македонската културна и музичка традиција ќе се претстави во современ џез контекст, создавајќи мост меѓу фолклорот и модерниот музички израз.

-Концертната програма опфаќа композиции кои ја обединуваат традицијата и современиот музички израз, прераскажувајќи ги длабоките културни корени на македонскиот фолклор низ јазикот на џезот. Проектот претставува ново поглавје во работата на Националниот џез оркестар – првпат од неговото формирање оркестарот подготвува нови обработки на македонски народни песни, како и оригинални композиции инспирирани од македонскиот фолклор, рече Стевковски за концертите од европската турнеја за кои диригент и аранжер е Владимир Николов.

Покрај концертната изведба, во рамки на овој проект е планирано и снимање и издавање на материјалот, архивирање на новите аранжмани.

НЏО ќе ја заврши годината со концерти во Скопје – на 8 декември е „Rock and Roll in Jazz“  – концерт заедно со Влатко Стефановски, Дарко Рундек и Рамбо Амадеус, а на 14 декември Националниот џез оркестар ќе има Новогодишен детски концерт во соработка со „Светот на Биби“.

По етаблирањето во институција која привлекува и бројна публика, директорот на НЏО Стевковски на прес-конференцијата кажа дека „од година во година е подобро“ иако, рече, некои работи не се сменети и за термините и просторите за проби сè уште зависат од други институци и се приспособуваат на нивните распореди. Се заблагодари за поддршката од Министерството за култура, како и на НОБ затоа што таму се добро примени, но и дека се „нормализираат недоразбирањата со останатите колеги“, па дел од декемвриските концерти ќе ги одржат во Филхармонијата. 

-Иако е сè уште млада институцијата, засега се оди супер и се обидуваме на секоој можен начин да фатиме чекор да си ја работиме нашата работа, рече Стевковски одговарајќи на новинарско прашање. 

Додаде дека во тек е последната фаза од реновирањето на просториите за НЏО  во Нациноналната опера и балет – останува да се најде изведувач за внатрешно уредување односно акустичко и ентериерно оспособување на просторот за да може таму да почнат да работат. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 1
Маркетинг