Култура
Мице Јанкуловски со самостојна изложба во Риека – „Коегзистенција – црно и црно“
Самостојната изложба на слики и видеа од Мице Јанкуловски „Коегзистенција – црно и црно“ синоќа беше отворена во Музејот на град Риека – „Коцкица“.
Изложбата, како што информира авторот, ја отворила градоначалничката на Риека, Ива Ринчиќ, a на отворањето присуствувале директорот на Музејот, Младен Урем, раководителот на Одборот на директори за работа на окружниот префект и на окружното собрание на Приморско-Горанскиот округ, Ермина Дурај и кураторот на изложбата, Корнелија Конеска.
– Му благодарам на авторот што не тера на размислување, ни отвора нови хоризонти кои ни покажуваат дека црното не е така мрачно, туку дека може да биде и нов почеток ако се потсетиме дека ноќта е најтемна пред зората и дека она што денес изгледа темно, утре можеби нема да биде така…, изјавила градоначалничката Ринчиќ.

Според директорот на Музејот на град Риека – „Коцкица“ Младен Урем, оваа изложба е уникатно културно искуство за жителите на Ријека бидејќи ги комбинира традицијата и модерноста и ја претставува македонската уметност „на глобално релевантен начин“.
Кураторот Корнелија Конеска го објаснила концептот на изложбата, нагласувајќи дека авторот ги истражува бескрајните можности на црната боја преку монохроматски, минималистички и модуларен принцип.
– Црната е боја на драмата – драмата на животот, потенцира Конеска.

Изложбата, според авторот, посебно значење добила со настапот на Друштвото на Македонците во Риека „Илинден“ кои истовремено ја почнале традиционалната манифестација „Денови на македонската култура“ во Ријека 2025.
Изложбата ќе биде отворена за посетители до 3 ноември 2025.
октомври 25, 2025

