Connect with us

Култура

РУТА фестивалот со седум претстави во Драмски театар од утре до 31 октомври

„Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ во режија на Иван Пеновиќ утре го отвора фестивалот РУТА во Драмски театар Скопје. Во копродукцијата учествуват ансамблите на Драмски театар Скопје, Београдско драмско позориште, Местно гледалиште љубљанско и Центар за култура Тиват. Улогите во претставата правена во формат на комедија дел арте им се доверени на актерите: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ .

На денешната конференција за медиуми режисерот Иван Пеновиќ го изрази задоволството што „Плеибоите… “ ќе го отворат фестивалот РУТА во Драмски и што по неколкуте изведби на летните фестивали во Будва, на Охридско лето и на Бриони, екипата се враќа во Скопје и во Драмски каде два месеца се подготвуваше претставата во мај и во јуни годинава. Тој ги потенцираше извонредните услови и поддршката за работа што им беше овозможена во Драмски театар Скопје, каде актери од четири ансамбла кои не се познаваа меѓусебно, кои говорат на различни јазици, доаѓаат од различни театарски школи, во пријателско опкружување создадоа претстава во која јазичната бариера ја премостиле уште на првите десетина проби.

Вукашин Јовановиќ од Белградскиот драмски театар и црногорскиот актер Лазар Николиќ во име на останатите членови од актерската екипа го споделија чувството на сигурност и самодоверба што режисерот Иван Пеновиќ им го овозможил со неговиот пристап и инсистирање на слободата при што секој од актерите да даде свој личен печат во креирање на својата улога.

На ревијалниот фестивал на театрите членки на Регионалната унија на театри – РУТА ќе се играат седум претстави од 25 до 31 октомври.

Во недела на 26 октомври се игра претставата „Ќелавата пејачка“ во која режијата, адаптацијата и изборот на музика го направи најнаградуваниот регионален режисер Јагош Марковиќ. Претставата е еден од неговите последни проекти, откако пред две години Јагош за жал не напушти. Текстот на „Ќелавата пејачка“ е на Ежен Јонеско, а ликовите ги толкуваат регионалните актерски ѕвезди: Олга Одановиќ, Бранко Видаковиќ, Дубравка Дракиќ, Момчило Оташевиќ, Сандра Бугарски и Бранимир Поповиќ. Продукцијата е на Центарот за култура Тиват.

Драмски театар Скопје на РУТА ќе настапи на 27 октомври со својата најнова претстава работена по филмското сценарио на истоимениот филм „Куршуми над Бродвеј“. Премиера на претставата ќе се одржи на 18 октомври. Режијата е на Ненад Витанов, улогите се доделени на актерите: Игор Стојчевски, Александра Павлова Бубања, Роберт Вељановски, Александар Степанулески, Јована Спасиќ,  Јелена Жугиќ, Предраг Павловски, Калина Наумовска, Златко Митрески, Сашо Тасевски, Дениз Абдула, Ања Митиќ, Игор Георгиев, Енис Билаловиќ и Мартин Мазнев.

„Повеќе од игра“ е претстава со која годинава ќе гостува Београдско драмско пожориште во вторник на 28 октомври. Претставата е адаптација на сценариото на Слободан Стојановиќ работено за истоимената култна телевизиска серија во бившата држава. Режисер е Иван Вуковиќ. Адаптацијата ја направил Ѓорѓе Косиќ, а во над 20 актерски улоги во овој сценски спектакл во траење од 4 часа ќе играат: Миодраг Радоњиќ, Јана Бјелица, Милан Чучиловиќ, Милорад Дамјановиќ, Андреј Шепетковски, Милан Колак, Љубомир Булајиќ, Даниел Сич, Иван Зариќ, Стефан Радоњиќ, Александар Алач, Риста Милутиновиќ, Арсеније Арсиќ, Александар Јовановиќ, Никола Мијатовиќ, Јана Милосављевиќ, Јово Максиќ, Стефан Старчевиќ, Бојана Стојковиќ, Ања Јосифовски, Ања Ќурчиќ, Вукашин Јовановиќ и Љубинка Клариќ.

Во среда на 29 октомври публиката ќе ја проследи копрудукцијата на Театар Улисис, Колектив Игралке, Куќа Нахеро и Маска Љубљана. „Мајки“ е авторска претстава на Колектив Игралке и режисерката Рајна Рацз. Улогите се доверени на актерките: Сенди Бакотиќ, Ана Марија Брѓановиќ, Маја Лежаиќ, Рајна Рацз, Ања Сабол и Ванда Велагиќ

„Три милиони минути“ е претставата на Местно гледалишче Љубљанско. Словенечкиот ансамбл ќе настапи во четврток на 30 октомври. Режисер и автор на адаптација е Барбара Хиенг Самобор, а претставата е работена по филмското сценарио за филмот „7 години“ на авторот Хозе Кабеза. Улоги: Јудита Зидар, Тјаша Железник, Мојца Функл, Дијана Коленц и Клара Кук.

Честа да го затвори годинашниот фестивал РУТА во Скопје го има ансамблот на театарот САРТР од Сараево. Тие на 31октомври ќе ја играат претставата „За цел живот“ на авторот и драматург Бењамин Хасиќ. Режисер е Јасенко Пешиќ. Улогите во претставата  ги играат: Сеад Пандур, Давор Сабо, Аднан Кресо, Кемал Ризвановиќ, Јасенко Пашиќ и Дино Хамидовиќ”

Годинава е четврто издание на фестивалот РУТА во Скопје и публиката како и минатата година има можност да проследи седум исклучителни фестивалски претстави во Драмски театар Скопје и да присуствува на тркалезните маси со актерите по секоја изведба. Модератор е професорката на ФДУ Ана Стојаноска. Сите претстави почнуваат во 20 часот.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 3
Маркетинг