Connect with us

Култура

Нови наоди од теренските истражувања на археолошкиот локалитет Влахо во Пелагонија

Центарот за истражување на предисторијата соопшти дека  деновиве ги завршиле теренските истражувања на археолошкиот локалитет Влахо во Пелагонија, спроведени  во соработка со Завод и музеј – Битола и дека „резултатите се повеќе од импресивни“. 

-Резултатите се повеќе од импресивни, што и не треба да изненади имајќи ја предвид екслузивноста на оваа неолитска населба, која е една од најстарите од овој период во регионот, но и во Европа. Годинава се истражуваше во контролна сонда во западниот дел на локалитетот, со цел да се направи увид во археолошките слоеви и стратиграфската динамика во овој дел од населбата. Истражувањето посочи дека ранонеолитските културни слоеви на овој локалитет се присутни во висина од дури 2.70 метри, што е зачудувачки со оглед на неговата старост и краткотрајноста на населбите во оваа етапа. Тоа значи дека во самите почетоци на неолитот, на Влахо се живеело прилично динамично и долго, што соодветствува и со неговата апсолутна хронологија во периодот меѓу 6400 – 6000 г. пр.н.е, соопшти Центарот. 

Во рамки на 70-ната слоеви присутни во археолошката стратиграфија, се наведува во соопштението, „се регистрираа мноштво подови од можни 16 неолитски градби подигани или обновувани една врз друга“.

-Меѓу нив се открија и остатоци од земуници, огништа и помали печки, како и бројни фрагменти од садови, алатки, мелници и намерно кршени животински коски. Посебен куриозитет се откриените дрвени остатоци во најраните слоеви на населбата, а кои се релативно добро сочувани имајќи ја предвид сувата средина во која тие егзистирале. Овие дрвени остатоци, како и археоботаничките примероци, ќе подлежат на натамошни анализи за да се утврди нивниот вид и нивната точна старост, а која може да упати и на едни од најстарите неолитски дрвени предмети откриени во Европа, информира Центарот за истражување на предисторијата. 

Следува втората фаза од проектот во која ќе се вршат радиокарбон, археоботанички, зооархеолошки и дендрохронолошки анализи на органските остатоци, а воедно и детално ќе се проучува материјалната култура.

-Повеќегодишните мултидисциплинарни археолошки истражувања на локалитетот Влахо се дел од соработката меѓу стручњаци од Центарот за истражување на предисторијата, Завод и музеј – Битола, Германскиот археолошки институт, Универзитетот во Белград, Универзитетот во Базел, Институтот Биосенс, Археолошкиот музеј на Македонија и Федералниот институт за технологија во Цирих. Овогодишните теренски истражувања и лабораториски анализи се подржани од Министерството за култура и туризам и од Германскиот археолошки институт, се наведува во соопштението.