Култура
Објавена книгата „Историја на естетиката: од Питагора до Хјум“ од Иван Џепароски

Објавена е книгата „Историја на естетиката: од Питагора до Хјум“ од македонскиот филозоф, естетичар, есеист, поет и книжевен критичар проф. д-р Иван Џепароски. Делото е објавено во рамки на едицијата „Филозофски дисциплини“ на издавачката куќа „Аз-Буки“ од Скопје.
Како што соопшти издавачот, ова монографско издание е изворно дело од областа на естетиката и е резултат на авторовото големо теориско и емпириско искуство и знаење стекнато во повеќедецениска научно-истражувачка и културна дејност во областа на филозофските односно хуманистичките науки, имено на естетиката, односно на филозофијата на уметноста или филозофската естетика.
Проф. д-р Денко Скаловски во својата рецензија кон книгата пишува дека уште од самиот наслов на познавачите им се укажува дека ова е прва систематска историја на естетиката напишана на македонски јазик, која опфаќа едно големо филозофско-историско раздобје. Се работи за периодот од антиката и почетоците на естетиката во лицето на претставниците на космолошката (Питагора) и антрополошката естетика (Протагора), па преку систематското раздобје на античката естетика (Платон и Аристотел), средновековната и ренесансната естетика, сè до естетиката на XVIII век (Баумгартен и Хјум) и до засновувањето на естетиката како филозофска дисциплина.
-Оваа посветеност кон систематизирањето и заокружувањето на сопствениот естетички светоглед е уште една потврда за неговиот растеж и развој како врвен филозофски теоретичар, естетичар, теоретичар на книжевноста, есеист и поет, што сведочи за неговата исклучителна филозофска креативност, дарба и повеќекратен талент, но и голема ерудиција, трудољубивост и работливост. Како потврда на овие ставови можеме да ја наведеме неговата философска студија Естетика: Естетички категории, издадена во 2020 година од страна на „Аз-Буки“, како и низата стручни прилози објавени во домашната и странската стручна периодика во изминатиот период, наведува Скаловски.
Најновото дело на Иван Џепароски, како и цела низа негови претходни филозофски и естетички дела објавени во период од четириесет години, е проследено со релевантна и референтна филозофска и стручна, примарна и секундарна литература од антологиски, светски признати и познати автори, издадени и преведени, како на македонски, така и на неколку светски јазици.
– Оваа книга, и според својот стил и според својот пристап, не е упатена само кон познавачите на филозофијата и на естетиката, туку и кон севкупната наша културна и читателска јавност заинтересирана за темелните вредности на естетиката, книжевноста и уметноста, пишува проф. д-р Денко Скаловски.
октомври 14, 2025