Свет
Фредериксен: Европа се наоѓа на почеток на хибридна војна

Данската премиерка Мете Фредериксен предупреди дека во Европа започнала „хибридна војна“, откако данскиот воздушен простор беше затворен неколку пати оваа недела поради дронови.
Данските власти во средата ноќта привремено затворија два главни аеродроми поради дронови во близина на пистите, а слични инциденти беа пријавени и на други аеродроми, објави бриселскиот весник „Политико“.
Аеродромите во Копенхаген и Осло беа затворени и во понеделникот, што предизвика откажување на летови и задржување на илјадници патници.
„Ние се наоѓаме на почетокот на хибридна војна против Европа. Мислам дека ќе видиме повеќе од тоа… Гледаме шема и не изгледа добро“, рече Фредериксен во објава на социјалните мрежи.
Иако данските власти сè уште не ги идентификувале сторителите, Фредериксен посочи дека Кремљ е одговорен.
„Можеме барем да кажеме дека првенствено постои една земја што претставува закана за безбедноста на Европа, а тоа е Русија“, рече таа.
Естонија и Полска свикаа итни разговори меѓу членките на НАТО откако ја обвинија Русија за упади во нивниот воздушен простор, додека Москва негира одговорност.
Само неколку часа по говорот на данската премиерка, аеродромот во Алборг, во северна Данска, повторно беше накратко затворен поради сомневање за упад со беспилотни летала.
Данската премиерка изјави дека нивото на тревога е зголемено и дека се зајакнува одбраната на критичната инфраструктура, вклучително и распоредувањето дополнителни капацитети против беспилотни летала.
Данското Министерство за одбрана претходно овој месец објави дека го купува француско-италијанскиот систем за воздушна одбрана SAMP/T за 7,7 милијарди евра, што е најголемата набавка на оружје во историјата на земјата.
Фредериксен ги повика европските земји да ги зголемат трошоците за одбрана и да ги зајакнат сопствените одбранбени индустрии.
септември 27, 2025