Connect with us

Свет

Надбискупијата во Келн треба да плати оштета од 550.000 евра на жена жртва на сексуално насилство

Германски суд пресуди дека Католичката надбискупија во Келн мора да исплати 550.000 евра оштета на жена која била жртва на сексуална злоупотреба од страна на свештеник. Судот не дозволи можност за жалба на оваа одлука пред повисока судска инстанца.

Тоа е најголемата оштета што некогаш ја досудил некој германски суд за жртва на сексуална злоупотреба во рамките на Католичката црква. Според Вишиот покраински суд во Келн, претходниот највисок износ изнесувал 300.000 евра.

Од вкупниот износ ќе бидат одбиени 3.600 евра, сума што жената веќе ја добила од независната комисија на Католичката црква за обештетување на жртви на злоупотреба.

Тужителката првично бараше оштета од најмалку 830.000 евра, но покраинскиот суд во Келн целосно го отфрли нејзиното барање.

Жената била изложена на тешка сексуална злоупотреба во текот на 70-тите и 80-тите години на 20 век, кога била дете. Сторителот бил свештеник, а истовремено бил и нејзин згрижувачки родител. Во 2022 година, тој беше осуден на 12 години затвор.

Првостепениот суд заклучи дека надбискупијата не може да сноси одговорност за злосторствата на свештеникот, бидејќи тој дејствувал во лично својство, а не како претставник на црквата. Жената поднесе жалба на оваа одлука, а Вишиот покраински суд во Келн ги прифати нејзините главни аргументи.

Судијата Ралф-Петер Сосна истакна дека свештеникот најпрво воспоставил близок однос со девојчето, искористувајќи ја својата позиција како црковен службеник, уште додека бил ѓакон, а подоцна станал нејзин згрижувачки родител.

Според судијата, токму неговата црковна улога создала впечаток на доверливост, што му овозможило да добие право да се грижи за деца како згрижувачки родител. За разлика од првостепениот суд, судиите во повисокиот суд утврдија директна врска помеѓу црковните активности на свештеникот и сексуалната злоупотреба што ја извршил. Токму тоа е основа за утврдување на одговорноста на надбискупијата.

Ad
Ad