Свет
Кремљ ја обвини Украина за обид за проширување на војната кон Средоземно и Балтичко Море
Кремљ ја обвини Украина дека се обидува да ја прошири зоната на конфликт кон Средоземното и Балтичкото Море, потег што Москва го опиша како исклучително опасен, објавија британските медиуми.
Американкиот претседател, Доналд Трамп, и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во заедничка изјава ја повикаа Русија да избегнува дејствија што го прошируваат обемот на војната, која започна со инвазијата на руските сили во соседна Украина во 2022 година.
Нивната интервенција се чинеше како предупредување до Москва внимателно да размисли како да одговори на нападите што Киев ги презема врз руските интереси далеку од зоната на конфликт, забележаат британските медиуми.
Украина вцера потопи руска корвета во пристаништето Бенгази користејќи поморски беспилотни летала – еден ден откако удри руски товарен брод во Финскиот Залив.
Како одговор на заедничката изјава на САД и НАТО, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека никој не сака конфликтот да се прошири, но нагласи дека Украина, а не Русија, се обидува да ја прошири зоната на конфликт.
„Што се однесува до ескалацијата на конфликтот во Украина, се чини дека ова се однесува на обидите на режимот во Киев да го прошири географскиот опсег на овој конфликт. Сведоци сме на терористичка активност од страна на режимот во Киев во Средоземното Море и во Балтичкото Море“, изјави Песков во телефонски разговор.
„Ова не може а да не предизвика загриженост кај крајбрежните држави, а најверојатно и во рамките на алијансата како целина – Организацијата на Северноатлантскиот договор (НАТО). Секако, никој не би сакал конфликтот да се прошири географски, а ова се потенцијално многу опасни дејствија од страна на режимот во Киев“, додаде тој.
Либиските власти денеска ги осудија постапките на Украина, како и Италија, која му кажа на Киев дека нападите врз руските бродови во либиските територијални води се грешка и го предупреди Киев да не го проширува географскиот опсег на војната. Норвешка, силен поддржувач на Украина, исто така го повика Киев да биде претпазлив во операциите во Балтичкото Море и ја нагласи потребата од одржување на стабилноста во блиските области.
ноември 26, 2026


