Свет
Рение: ЕК не е изненадена од барањето на „Епл“, но нема намера да го укине ДМА

Европската комисија не е изненадена од барањето на „Епл“ за укинување на Законот за дигитални пазари на ЕУ (ДМА), затоа што американската компанија го оспорува секој дел од регулативата уште од нејзиното стапување во сила, изјави денеска портпаролот на Еврокомисијата за технолошки суверенитет и одбрана Тома Рение.
– Можам да ве уверам дека Комисијата нема апсолутно никаква намера да го укине ДМА, истакна Рение во одговор на новинарско прашање за ставот на Еврокомисијата за барањето на „Епл“ за укинување на Законот.
Според Рение, ваквото барање не е изненадување и затоа што „Епл“ беше првата компанија на која ЕК во април годинава и изрече казна поради непочитување на одредби од ДМА, а и постои и сериозна загриженоста во врска со усогласеноста на компанијата и со други обврски од законот.
– Барањето го поткопува наративот на компанијата дека сака целосно да соработува со Комисијата, потенцира Рение, додавајќи дека ЕК нема да го промени својот однос кон „Епл“, бидејќи таа својата соработка ја базира на спроведувањето на законските одредби, а не врз основа на изјави во јавноста.
Портпаролот истакна дека ЕК сфаќа дека компаниите сакаат помали трошоци и поголем профит, но таа сака и да ги заштити потрошувачите и да обезбеди конкурентни услови за работа.
„Епл“ денеска побара од Европската Унија да го укине својот Закон за дигитална пазари (ДМА), тврдејќи дека тој предизвикува „безбедносни ризици“ и создава „лоши искуства“ за потрошувачите.
– ДМА треба да биде укинат додека не се воспостави посоодветен законски инструмент што ќе биде во согласност со неговата намена, соопшти „Епл“.
Реакцијата на „Епл“ следи откако оваа недела Европската комисија упати барање до овој американски технолошки гигант и до „Гугл“, „Мајкрософт“ и „Букинг“ да и достават појаснувања за мерките што ги презеле за да спречат финансиски измами на корисниците преку нивните платформи.
Рение додаде дека целта на ваквото барање на ЕК е да се процени ефикасната имплементација на ДМА, кој стапи во сила пред година и половина.
– Не бараме од компаниите да ги намалат своите стандарди за приватност или нивните безбедносни стандарди, напротив. Станува збор само за давање поголем избор на нашите корисници, отворање кон европскиот пазар и овозможување на компаниите рамноправно да се натпреваруваат, додаде Рение.
септември 25, 2025