Connect with us

Култура

Наградата „Даница Ручигај“ на ДПМ за 2025-та врачена на Александра Јуруковска

За мене наградата „Даница Ручигај“ е навистина нешто многу значајно. Ова е мој прв поетски ракопис и прва моја книжевна награда. Доаѓа од Друштвото на писателите на Македонија, од нашата фела, и не може човек да остане имун на тоа, изјави Александра Јуруковска, која ја доби оваа награда за 2025-та, за стихозбирката „Ткажалки“.

ДПМ ја доделува наградата десет години, востановена е во спомен на една од првите модерни македонски поетеси, која загинала во земјотресот во Скопје во 1963 година.

Наградата денеска во ДПМ и беше врачена на Јуруковска која кажа досега не пишувала поезија. Да објави стихозбирка ја охрабриле пријатели поети, а „куражот се удвоил“, рече,  кога го видела овој конкурс на ДПМ со кој се доделува наградата „Даница Ручигај“ за необјавена книга поезија. 

-Кога на свои 20-ина години првпат ги прочитав стиховите на Даница Ручигај, си помислив колку оваа жена или девојка била пред своето време. Кога деновиве повторно ги прочитав, преиспитувајќи се дали доследно можам да го понесам ова признание, сфатив дека е тоа голема обврска. Затоа што Даница Ручигај не била само пред своето време, и пред моето, и пред времето на многумина од нас. Така што Даница Ручигај ни остава  една поетска иднина која сме должни да ја негуваме, истакна Јуруковска.

Нејзиниот поетски ракоопис, кој со добивањето на наградата е објавен во книга и содржи 30-ина песни, симболично е насловен „Ткажалки“. Како што рече, во нејзините песни „има и тагување, и кажување, но има и копнеж и ткаеж“.

-И мое вткајување во најубавиот поетски јазик за мене – македонскиот јазик. Ова е мојот вткаеж и за него, додаде добитничката на наградата која се состои од плакета и објавување на ракописот.

Конкурсот за членовите на ДПМ беше отворен од 18 јули до 18 август, а за наградата одлучуваше жири во состав: Лулзим Хазири (претседател) и членовите Весна Ацевска и Сузана Мицева. Хазири соопшти дека на конкурсот пристигнале 10 ракописи од седум поетеси и тројца поети. Го прочита образложението на донесената одлука во кое, меѓу другото, е наведено дека „насловот на збирката е кованица од ‘тага/тагува’ и ‘кажува’, што  може да се преведе и како обид да се изговори тагата“. 

-„Ткажалки” е книга што нуди катарза, но и потсетување дека зборот е единствената трага што може да ја победи минливоста. Со овој ракопис, Александра Јуруковска се потврдува како поет со силен израз, јасен став и бескомпромисна искреност. „Ткажалки” не е само збирка поезија таа е поетски споменик на личното и колективното страдање, но и сведоштво за силата на јазикот да ги сочува тагата, љубовта и достоинството, образложи жирито.

Настанот го отвори претседателот на ДПМ Живко Грозданоски, кој соопшти дека од оваа година Друштвото ја востановува едицијата „Даница Ручигај“ и во неа „Ткажалки“ е прва книга.

-Драго ми е што едицијата почнува со толку квалитетно четиво, рече Грозданоски. 

Наградата „Даница Ручигај“ се доделува од 2015-та и во првите седум години им се доделуваше само на поетеси и за веќе објавена книга. Во последните три години на конкурсот може да се пријавуваат и поети, а од оваа година е променет концептот и наградата не се доделува за објавена книга туку за необјавен поетски ракопис. 

„Ткажалки” е прва поетска книга на Александра Јуруковска (Скопје, 1981), која членува во ДПМ од 2019 година. Таа е книжевен критичар и новинар. Дипломирала и магистрирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”. Повеќе од две децении работела како новинар и уредник во повеќе медиуми и редакции за култура. Авторка е на книгите „Ткаење на текстот”; „Медиумскиот егзил на книжевноста” и „2 минути и 40 реда”, како и на голем број есеи и студии и од областа на книжевната критика, есеистика и теорија.