Култура
Одбележани 90 години од раѓањето на поетот Михаил Ренџов
Со свечен настан насловен „Сеќавање на Михаил Ренџов“, денеска во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје беа одбележани 90 години од раѓањето на еден од најзначајните македонски поети.
Настанот започна со поетското читање „Симнување од крстот“, по што поздравно обраќање имаше в.д. директорката на Библиотеката, Анета Механджијска, која истакна дека институцијата има особена одговорност да ги чува и негува споменот и делото на авторите кои оставиле трага во македонската култура и книжевност, соопшти ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“.
За ликот, делото и творештвото на Ренџов говореа професорот Владимир Мартиновски и писателот Братислав Ташковски.
Посебна емотивна димензија на чествувањето му даде присуството на семејството на поетот. Неговиот син, музичарот Петар Ренџов, изведе уметнички и музички перформанс со песни од творештвото на својот татко, што беше проследен со силни емоции и аплауз од присутните.
Во рамки на програмата, актери читаа извадоци од биографијата на Михаил Ренџов, а беа интерпретирани и неговите антологиски песни „Нерези“, „Се населив тука“, „Одиме со рака фатени“, „Треба да се молчи“ и „Комета“.
ноември 5, 2026

