Свет
Хакерски напади врз системите за ладење и во италијанските супермаркети и прехранбените компании
По хакерските напади врз системите за контрола на ладењето во италијанските супермаркети и другите компании од прехранбената индустрија, владата денеска ќе одржи итен состанок, на кој ќе присуствуваат и претставници на Националната агенција за кибербезбедност и разузнавачките служби.
Напади се пријавени во шест продавници на Сицилија, како и во една компанија од угостителскиот сектор во Тоскана и кај производител на замрзната храна во Емилија-Ромања.
Нападите во Италија следуваат по слични инциденти во Белгија, Шведска, Луксембург, Холандија, Финска, Ирска и Естонија, каде што хакерите од далечина ги менувале температурите на системите за ладење, кои достигнувале дури 50 Целзиусови степени.
Италијанската Националната агенција за кибербезбедност ги предупреди операторите во секторите за малопродажба и логистика на храна да проверат дали нивните системи за контрола и далечинска поддршка се изложени на интернет и, доколку е потребно, да ги изолираат од корпоративните мрежи.
Препорачаните мерки вклучуваат зајакнување на далечинскиот пристап преку ВПН и повеќефакторска автентикација, следење на привилегираните кориснички сметки, како и ажурирање на уредите за кои веќе не постои техничка поддршка.
ноември 4, 2026


