Свет
Бројот на жртви во рускиот напад врз Комишувас се зголеми на 31
Бројот на жртви во рускиот воздушен напад врз селото Комишувас, во Запорошкиот регион, во југоисточна Украина се зголеми на 31, додека речиси 50 лица се уште се водат за исчезнати, објави денесла вршителот на должноста гувернер на Запорожје, Михаило Семикин.
„Според најновите податоци, 31 лице е убиено, пет лица се повредени, додека речиси 50 се водат како исчезнати“, рече Семикин, пренесе Укринформ.
Тој изјави дека руската армија вчера извршила најмалку девет воздушни напади врз селото, во време кога луѓето примале хуманитарна помош во центарот за поддршка на населението.
Според него, руските сили користеле различни видови оружје, прво воздушни бомби КАБ-500, а потоа ФАБ-3000.
Семикин изјави дека ФАБ-3000 содржи околу 1,5 тони експлозив и е наменет за уништување на силни бетонски утврдувања и бункери.
„По директен удар, бетонската конструкција на зградата се урна и избувна пожар“, рече Семикин.
Потрагата по исчезнатите и спасувачката операција сè уште се во тек на местото на нападот.
Во Запорожје е прогласена тридневна жалост, што ќе трае од денес до 5 ноември.
Семикин оцени дека ова е една од најсериозните трагедии во однос на бројот на жртви во оваа област од почетокот на војната во Украина.
ноември 4, 2026


