Регион
Двајца од тројца потрошувачи во Грција планираат да пазаруваат за Black Friday и Cyber Monday
Двајца од тројца потрошувачи во Грција, односно 67 отсто од анкетираните, наспроти 63 проценти лани и 50 отсто во 2024 година, планираат да пазаруваат за време на Black Friday и Cyber Monday на крајот од месецов, а овој процент достигнува до 72 отсто кај лицата на возраст од 18 до 29 години и 76 проценти кај оние на возраст од 30 до 39 години, покажуваат резултатите од истражувањето за потрошувачките навики на „Естер и Јанг“ Грција, спроведено во соработка со агенцијата „МРБ“, јави дописничката на МИА од Атина.
Меѓу потрошувачите кои планираат да купуваат, половина ќе реализираат трошоци што веќе биле предвидени во нивниот буџет, односно 26 отсто рекле дека и онака планирале да ги направат купувањата подоцна, додека 25 проценти ги одложиле за да ги реализираат токму во конкретниот период.
Во однос на тоа што планираат да купуваат анкетираните, но и колку пари ќе одвојат, истражувањето покажува дека мнозинството очекуваат да потрошат од 100 до 500 евра за Black Friday и Cyber Monday, односно 39 проценти рекле дека планираат да потрошат од 100 до 250 евра, 31 отсто планираат од 250 до 500 евра, а само 2 проценти ќе одвојат над 1.000 евра.
Купувањата главно ќе бидат насочени кон: облека и модни додатоци (61 отсто), технологија и електронски уреди (59 проценти), електрични апарати (42 отсто), производи за лична нега и убавина (31 отсто и 45 проценти кај жените), како и производи за домот и кујната (27 отсто).
Сепак, и оваа година, како што пишува во анализата на истражувањето, намерата за купување е придружена со одредена скептичност (43 отсто) во однос на цените, односно дали попустите и понудите се навистина реални, а еден од тројца испитаниците кои се со резерва, рекле дека би сакале да имаат увид во историјата на цените на производите.
Во однос на физичките и онлајн продавниците, изборот е речиси исти, односно 35 отсто од потрошувачите планираат најголемиот дел од купувањата да ги реализираат преку грчки или меѓународни онлајн продавници, а 34 проценти планираат најголемиот дел од купувањата да ги направат во физички продавници.
ноември 4, 2026

