Култура
Идиот(и) на отворањето на 26 издание на Скопје Филм Фестивал
Во среда, на 4 ноември, во Н.У. Македонски Народен Театар (МНТ), официјално ќе започне 26. издание на Скопје Филм Фестивал, со премиерна проекција на најновиот игран филм „ИДИОТ(и)“, во режија на познатото режисерско дуо Малгоржата Шумовска (Małgorzata Szumowska) и Михал Енглерт (Michał Englert). Свечената вечер ќе започне со дефилето на црвениот тепих во 19:30 часот, по што во 20:00 часот ќе следи официјалното отворање на фестивалот. Фестивалската проекција на „ИДИОТ(и)“ е закажана за 20:30 часот.
Филмот го следи тазе венчаниот пар Фјодор и Ана чиј меден месец во Баден се претвора во неочекуван, повеќегодишен престој исполнет со искушенија додека тој го пишува своето ремек-дело „Идиот“. Градејќи ја сценаристичката рамка врз основа на книгата „Жената на коцкарот“ (The Gambler’s Wife) од Ендру Д. Кофман, како и од приватните дневници, мемоари и писма на младата Ана Достоевскаја, Шумовска и Енглерт создаваат комплексен и интимен портрет на една голема љубов и еден брачен однос полн со доза хумор, но и со страв и интимност.
„Има нешто во животната приказна на Фјодор и Ана што нè потсетува на нашето сопствено филмско патување. Токму како нас двајцата во минатото, тие патуваат кон Западот и исто така се чувствуваат по малку загубени таму. И исто како нив – иако веќе не сме во брак, но како уметници – и покрај сите потешкотии и разлики во карактерите, продолжуваме да чекориме заедно, делејќи го истиот уметнички пат по толку години. Ејми Лу Вуд и Џони Флин, кои на еден мистериозен начин ги доловија ликовите на Ана и Фјодор, ни признаа дека многу брзо сфатиле оти нашето режисерско дуо ќе им послужи како главна инспирација… тие дури и не знаеле кој од нас бил Федја, а кој Ана.“ – истакнува режисерското дуо.
Со извонредните улоги на Џони Флин и Ејми Лу Вуд, „ИДИОТ(и)“ го поставува високиот уметнички и емотивен тон за овогодишното фестивалско издание. „ИДИОТ(и)“ ја отвора завесата за уште едно богато фестивалско издание исполнето со светски филмски премиери, средби со автори и разговори по проекциите.
Во рамките на фестивалската програма, младите филмски автори ќе имаат уникатна можност и за директна средба со полското режисерско дуо. Малгоржата Шумовска и Михал Енглерт ќе одржат ексклузивен мастерклас на 5 ноември (четврток) во Фестивалскиот центар во Младинскиот културен центар (МКЦ), со почеток од 14:30 часот, каде што ќе го споделат своето тридецениско искуство и нивниот специфичен креативен процес.
26. издание на Скопје Филм Фестивал ќе се одржи од 4 до 9 ноември 2026 година. Целосната програма за фестивалот можете да ја погледнете на официјалната веб-страница sff.mk, додека билетите за проекциите се достапни преку „MK Tickets“.
ноември 3, 2026


