Технологија
„Фудбал менаџер 26“ вклучува и женски тимови

Претстојната игра „Фудбал менаџер 26“ (Football Manager 26) ќе ги вклучи официјално лиценцираната англиската фудбалска Женска суперлига на „Барклис“ и американската Национална лига на женски фудбал, како и други женски натпреварувања. Првпат женскиот фудбал да се појави во видеоигра од овој серијал.
Овој потег првично беше најавен уште во 2021 година и требаше да биде воведено во „Фудбал менаџер 2025“, но играта на крајот беше откажана, а „Спортс интерактив“ го насочи својот напор на „ФМ26“, којшто пристигнува на пазарот на 4 ноември. Кога компанијата првпат зборуваше за можноста за додавање на женската игра во своите различни режими на видеоиграта, се говореше дека ќе го стори тоа само откако ќе може да понуди исто ниво на длабочина и автентичност како што нуди машкиот фудбал. Од таа изјава, популарноста на женскиот фудбал порасна, па креативната компанија тврди дека во „FM26“ е создаден „уникатен екосистем“ каде што нема ограничувања околу управувањето со машки и женски тимови. Студиото за видеоигри притоа се консултираше со играчи, менаџери, клубови и организации од вистинскиот свет.
Новоста значи дека играчите ќе може да изберат женски тим за управување, со ликот од фудбалерките, дресовите и логоата на клубовите.
Најновиот наслов ќе содржи 14 првенства од опфаќаат 11 земји и три континенти, вклучувајќи лиги во Германија, Франција, Јапонија, Австралија и др., покрај Англија и САД. „ФМ26“ во мигов има база на податоци од над 36.000 играчи. Видеоиграта излегува на 4 ноември за „Икс-бокс“ и „Плејстејшн 5“, а мобилната верзија пристигнува на „Нетфликс“ истиот ден. „ФМ26 тач“ за „Нинтендо свич“ излегува еден месец подоцна.