Connect with us

Свет

Кина не е заинтересирана за трилатерална средба со САД и Русија за Украина, вели Штајнмаер

Кина не е заинтересирана за одржување трилатерална средба со Русија и САД на која би се разговарало за примирје во Украина, изјави германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер во интервју за германска телевизија што ќе биде емитувано вечерва, пренесе ДПА.

Штајнмаер посочи дека прашањето за средбата го покренал пред кинескиот претседател Шји Џјинпинг за време на посетата на Пекинг во петокот.

Според германскиот претседател, Шји рекол дека тројцата лидери би можеле да се сретнат на претстојниот Самит на Организацијата за азиско-тихоокеанската економска соработка (АТЕС), но оти прашањата поврзани со Украина нема да бидат на дневен ред.

„Од негова гледна точка, во моментов не се подготвува посебен самит за Украина со учество на Кина, САД и Русија. Шји изречно нагласи дека станува збор за европски конфликт, за чие решавање е потребно и Европејците да бидат на преговарачката маса“, додаде германскиот претседател.

Штајнмаер истакна дека на лицето на кинескиот претседател Шји Џјинпинг јасно се забележало изненадување кога германскиот претседател го прашал за можноста за одржување самит посветен на Украина.

Изјавата на германскиот претседател доаѓа во контекст на информациите за можна трилатерална средба на маргините на конференцијата на АТЕС, која ќе се одржи во средината на следниот месец во јужниот кинески град Шенжен.

Предлогот за одржување таква средба го изнесе рускиот претседател Владимир Путин, кој посочи дека на неа треба да се разговара за прашања поврзани со нуклеарното разоружување.

Американскиот претседател Доналд Трамп ја поддржа идејата, наведувајќи дека би бил подготвен да разговара и за други прашања, „како што е Украина“. 

Ad
Ad