Хроника
Две лица лишени од слобода во Гостивар, полицијата пронашла кокаин и марихуана
Две лица од Гостивар на возраст од 42 и 48 години биле лишени од слобода денеска при полициска акција за спречување на недозволена трговија со наркотични дроги, при што биле пронајдени и одземени кокаин, марихуана и парични средства, информираат од Министерството за внатрешни работи.
-Денеска (01.11.2026), полициски службеници од СВР Тетово – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар, постапувајќи по претходно добиени оперативни сознанија, спроведоа акција за спречување на недозволена трговија со наркотични дроги, при што лишија од слобода две лица од Гостивар – соопштуваат од МВР.
По преземените оперативно-тактички мерки и активности, полициските службеници извршиле интервенција во момент на купопродажба на улицата „Беличица“ во Гостивар. На местото на настанот од слобода биле лишени Б.И. (42) и С.Ј. (48), двајцата од Гостивар. При извршениот преглед кај лицата биле пронајдени кокаин и марихуана.
По обезбедена судска наредба, бил извршен претрес и во домот на Б.И., при што биле пронајдени и одземени уште шест опаковки со кокаин, како и парични средства во различни апоени.
Двете лица се задржани во полициска станица за понатамошна постапка, по што против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, наведуваат од МВР.
ноември 2, 2026


