Connect with us

Култура

Со „Проколнато засолниште“ на приштинскиот театар започна меѓународниот театарски фестивал „Отело“

Со изведбата на претставата „Проколнато засолниште“ на театарот од Приштина, Косово, во режија на Илир Бокши синоќа започна Меѓународниот театарски фестивал „Отело“ кој се одржува во Гостивар. Организацискиот одбор пред почетокот на првата од шесте претстави најави дека оваа недела ќе се изведува по една претстава кои конкурираат за фестивалските награди.

Покрај поздравните обраќања, од сцената беше оддадена и почит на неодамна починатиот актер Енвер Петровци.

Вечерва во Центарот за култура „АСНОМ“ пред публиката ќе биде изведена претставата „Пијани“ во режија на Дејан Пројковски во која игра театарската екипа на НУЦК „Ацо Шопов“ од Штип.

Третата вечер е резервирана за „Жени од војната“ претстава на режисерот Гиота Коундоураки која ја игра театарска трупа од Атина. Претставата „Марта Верина“ на Македонскиот народен театри која ја режираше Нина Николиќ ќе биде од четврток, а утредента, во петок на сцената ќе се игра „Четири ѕида или трагикомедија за карантинот“ со ансамблот на театарот „Бора Станковиќ“ од Врање, Србија.

Годинешното издание на фестивалот ќе биде затворено со изведбата на претставата „Смртта и Девицата“ во режија на Афердита Нухији на Албански театар – Скопје.

На годинешното, деветто издание на фестивалот „Отело“, актерките и претставите ќе конкурираат за награди кои ќе ги додели тричлено жири: за најдобра претстава, актер, актерка и режија.

Сите претстави се играат во големата сала на центарот за култура од 20 часот, а влезот е бесплатен. МТФ „Отело“ се организира со поддршка од Министерството за култура и туризам и Општина Гостивар.