Култура
Македонската уметност претставена во Загреб преку изложба на Ивана Настеска и концерт на „Дуо Скупи“
Изложбата „Сцени од ателјето“ на ликовната уметница Ивана Настеска и концертот на „Дуо Скупи“ донесоа вечер исполнета со уметност и културен дијалог во Македонскиот културно-информативен центар во Загреб.
Од македонскиот КИЦ во Загреб информираат дека на настанот се обратиле македонскиот амбасадор во Хрватска Драган Ѓурчевски, директорката на КИЦ Загреб Мими Ѓоргоска Илиевска, авторката на изложбата Ивана Настеска, како и членовите на „Дуо Скупи“, Јета Старова Мехмети и Ермаљ Мехмети.
Амбасадорот Ѓурчевски ја истакнал важноста на културната дипломатија во зајакнувањето на пријателските односи и соработката меѓу Северна Македонија и Хрватска, нагласувајќи ја улогата на културата во промоцијата на националните вредности.
Претставувајќи ја изложбата, Ѓоргоска Илиевска посочила дека преку чувствителноста и слободата на акварелот, Настеска успева секојдневните сцени да ги претвори во уметничко доживување, истовремено потсетувајќи дека убавината често се наоѓа во малите детали. Осврнувајќи се на музичкиот дел од програмата, таа го нагласила препознатливиот камерно-музички израз што „Дуо Скупи“ го гради преку долгогодишна соработка и истражување на звучните можности на флејтата и виолината.
Според Настеска, ателјето не е само простор за создавање уметност, туку место на тишина, набљудување и дијалог со бојата, од каде произлегуваат делата претставени на изложбата.
Концертот на „Дуо Скупи“, пак ја споил класичната музичка традиција, современото творештво и богатото македонско и балканско музичко наследство. Виртуозната изведба и внимателно избраниот репертоар биле поздравени со долготрајни аплаузи и бис од присутната публика.
октомври 22, 2026


