Економија
Димитриеска-Кочоска: Со јавните финансии управуваме одговорно – ребалансот е навремена реакција на новите економски услови
Ребалансот на буџетот за 2026 година е навремена реакција на Владата за усогласување на буџетските проекции со новите економски услови и реалните текови во економијата до крајот на годината, но и потврда дека јавните финансии ги управуваме одговорно и со јасни приоритети. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска на прес-конференција, на која го претстави предлогот за измени и дополнување на буџетот за 2026 година, кој беше усвоен вчера од Владата.
„Во изминатиот период глобалната криза донесе нови предизвици, особено преку растот на цените на енергентите и зголемените ценовни притисоци.
Кога во јуни го подготвувавме првиот ребаланс, процените беа дека состојбата на меѓународните пазари постепено ќе се стабилизира. Во меѓувреме, за жал, се случи спротивното. Геополитичката криза се продлабочи, цените на енергентите продолжија да растат, а Владата реагира со конкретни мерки за да го ублажи ударот врз граѓаните и економијата. Потврда дека мерките се наврeмени и добро одмерени е тоа што инфлацијата е стабилизирана, што значи дека нема прелевање на високите цени на нафтата врз другите производи и услуги“, рече министерката.
Таа додаде дека намалувањето на акцизите на горивата и намалувањето на ДДВ-то за дизелот од 18 на 10 проценти имаат една јасна цел да се заштити животниот стандард на граѓаните и да се помогнат на компаниите полесно да се справат со ценовниот шок, но дека тие мерки имаа директен ефект и врз буџетските приходи. Тоа, според министерката, е причината за вториот ребаланс со цел да се усогласат приходите и расходите со реланите економски текови и да се обезбеди стабилно функционирање на буџетот до крајот на годината.
„Вториот ребаланс не е резултат на проблеми со ликвидноста на буџетот. Тој е одговор на променетите економски услови, со непроменет приоритет – заштита на граѓаните, исполнување на законските обврски, одржување на економската активност и фискална дисциплина“, потенцира Димитриеска-Кочоска.
Претставувајќи ги измените рече дека вкупните приходи се на ниво од 374,2 милијарди денари, што е за речиси 5,3 милијарди денари помалку во однос на претходните проекции. Притоа напомена дека намалувањете во најголем дел е резултат на променетите услови на пазарот на енергенти и мерките што ги презедовме за заштита на граѓаните и економијата.
„Остварувањето на приходите во текот на годината покажува позитивна динамика. Кај даночните приходи со ребалансот е направена умерена корекција од 213,3 на 209,8 милијарди денари, односно намалување од 1,6 %. Најголемиот дел од корекцијата се однесува на акцизите, кои се ревидираат од 34,1 на 30,4 милијарди денари. Причината е намалувањето на акцизите на бензините и дизелот, мерка со која директно го ублажуваме влијанието од растот на цените на нафтените деривати врз граѓаните и компаниите. Тоа значи помал приход за буџетот, но истовремено и директна поддршка за граѓаните и економијата“, рече министерката.
Со ребалансот кај неданочните приходи и донации се предвидува намалување за приближно 2 милијарди денари, а кај другите даночни приходи – данокот на личен доход, данокот на добивка, ДДВ-то и царинските приходи – очекувањата остануваат стабилни и во рамките на планираните износи.
Министерката потенцира дека на расходната страна со ребалансот се пристапува одговорно и дисциплинирано. Вкупните расходи се планирани на ниво од 420,5 милијарди денари, што е намалување за 5,3 милјарди денари во однос на претходните проекции. Притоа намалувања има во ставките за стоки и услуги и субвенции како резултат на дисциплинирано и поефикасно трошење. Дополнителни средства се обезбедени за најранливите категории граѓани и за здравствените услуги.
„Ги намалуваме расходите онаму каде што реализацијата е послаба или каде што не станува збор за највисоки приоритети. Но не штедиме на она што е најважно.
Обезбедуваме средства за социјално ранливите категории и за здравствените услуги“, рече министерката за финансии.
За капиталните расходи, посочи дека се прави корекција од речиси 5,7 милијарди денари, пред сè поради пролонгирање на динамиката на реализација на одредени капитални проекти, но дека тоа не значи откажување од капиталните инвестиции. Продолжуваат вложувања во одбраната, патната и железничката инфраструктура, комуналната инфраструктура, животната средина, енергетската ефикасност, образованието, детската и социјалната заштита, земјоделството и локалната инфраструктура. Особено важно, наведе министерката, е што продолжува и финансиската поддршка за општините и капиталните инфраструктурни проекти на локално ниво како дел од политиката за рамномерен регионален развој.
Со ребалансот на буџетот, како што рече Димитриеска-Кочоска на прес-конференцијата, проекцијата за економскиот раст останува непроменет на 3,5 %, како и нивото на буџетскиот дефицит, кој се задржува на ниво од 46,3 милијарди денари, односно 4,1 % од БДП.
октомври 8, 2026


