Connect with us

Економија

Компанијата Рамбл на Крис Павловски склучи огромен договор со гигантот за развој на вештачката интелигенција Ентропик

Повеќе специјализирани медиуми за вести од светот на информатичката техонологија објавија дека компанијата Рамбл на Крис Павловски склучила стратешки договор вреден 13.7 милијарди долари со една од најголемите компании за развој на вештачка интелигенција – Ентропик.

Според информациите кои се уште не се потврдени од двете компании, Ентропик ќе ги користи капацитетите на растечкиот дата центар сегмент на Рамбл, пред се големиот центар што Рамбл го гради во американската сојузна држава Џорџија.

При крајот на август Рамбл најави дека има огромен нов клиент за својата дигитална инфраструктура, но не го откри името на клиентот.

Ентропик, компанијата основана од АИ магнатите Дарио и Даниела Амодаи, е една од најголемите АИ компании, во ранг со Опен АИ, хАИ, Гугл и Мета, а нејзиниот производ Клод се смета за највисоко развиениот АИ модел во моментов за потребите на развој на софтвер и други софистицирани услуги.

Согласно најавите, Ентропик се обидува да покрие дел од растечката побарувачка за услугите на Клод со закупување на капацитет во податочните центри на Рамбл и за почеток договорот е склучен на шест години. Ентропик воедно добива можност да купи 50 милиони акции на Рамбл во текот на овие шест години.

Рамбл неодамна ја купи големата германска компанија за дата центри Нортерн Дата, која ја почнала градбата на центарот Мејсвил во Џорџија, за кој е заинтересиран Ентропик. Со тоа Рамбл, освен како сопственик на видео платформата која е популарна во американските конзервативни кругови и е позната по поддршката на правото на слобода на говор, се повеќе се трансформира во компанија за развој на податочни центри, кои ќе се развиваат под брендот Квејк АИ.