Connect with us

Свет

„Волстрит џурнал“: Трамп форсира испорака на руски гас во Европа и покрај санкциите од ЕУ

Претседателот на САД, Доналд Трамп врши притисок што побрзо да се обнови испораката на руски гас преку територијата на Украина за Европа, објави денеска „Волстрит џурнал“ повикувајќи се на неименувани американски, европски и украински претставници.

Американскиот предлог наречен енергетско примирје наводно бил претставен во Москва и во Киев во септември од страна на американски преговарачи Стив Виткоф и Џаред Кушнер, а сега протекоа детали за тоа како Вашингтон сака да ја протурка својата идеја и покрај санкциите на Европската Унија за увоз на руски енергенти.

Гасот би се купувал во Русија од американски посредник, а потоа би се продавал во Европа и би се транспортирал преку украинските гасоводи. Во исто време, Вашингтон наводно сака да ја спречи Русија да ги користи профитите од извозот на гас за војната во Украина, па затоа се планира парите да се уплатат на посебна сметка во трета земја.

Остануваат отворени прашањата за тоа кој би го назначил посредникот, кој би ја контролирал посебната сметка или исплатата на парите, а нема информации за количините на гас, цената или договорните услови.

Според „Волстрит џурнал“ американскиот план бил ставен на чекање минатиот месец. Украина, под притисок на Трамп, ги прекина нападите врз руските енергетски објекти, но ги продолжи откако Русите продолжија да ја таргетираат нејзината инфраструктура.

Тоа, според американскиот весник, им даде на САД уште поголемо значење на потрагата по сеопфатно енергетско примирје. Рускиот претседател Владимир Путин би можел да се согласи на такво примирје поради можноста за продолжување на извозот во Европа, а за возврат, Украина би била поштедена од напади врз енергетските капацитети.

„Волстрит џурнал“ потенцира дека е неизвесно дали таков договор би бил правно валиден, поради забраните што ги воведе ЕУ за увоз на руска нафта и гас или склучувањето нови договори за таков увоз. Тоа што американски субјект би дејствувал како посредник во трговијата не го менува фактот за земјата на потекло на енергетскиот производ, а увозниците од ЕУ се должни да докажат каде е произведен гасот и врз која правна основа стигнал во Унијата.

На крајот на октомври, ЕУ ги отфрли руско-американските планови за таков договор и објави дека прекинот на увозот на руски енергенти дури и не зависи од крајот на војната во Украина. Планот на ЕУ е целосно да го ослободи својот пазар од рускиот гас до крајот на 2027 година.

Ad
Ad