Connect with us

Политика

Мицевски: Сопиште доби нова детска градинка, пешачка патека и модернизирани спортски игралишта за повеќе можности на децата и младите

Пред скоро една година граѓаните на општина Сопиште ни ја дадоа својата доверба.

Денес, по безмалку една година од мандатот, стојам пред вас со чувство на одговорност, но и со гордост за сето она што заедно успеавме да го направиме.

Довербата што ја добивме не ја сфативме како привилегија. Ја сфативме како обврска.

Обврска секој ден да работиме за подобар живот на нашите граѓани, за подобра инфраструктура, за нашите деца, за нашите населени места и за иднината на Општина Сопиште.

За нас, политиката никогаш не треба да биде само збор.

Ветувањето има вредност само тогаш кога ќе стане проект.

Проектот има вредност само тогаш кога ќе стане реалност.

А реалноста најдобро се гледа на терен.

Затоа денес не сакам да зборувам само за тоа што сме го планирале.

Сакам да зборувам за тоа што направивме.

Во изминатата една година работевме на секој дел од Општина Сопиште и реализиравме, започнавме или обезбедивме низа значајни проекти.

Во делот на патната инфраструктура:

Извршивме реконструкција на улица 20 во Нова Брезница, во должина од 1.700 метри.

Целосно ја асфалтиравме улица број 11 во населеното место Сопиште.

Отпочнавме со реконструкција на улица 14 во Горно Соње, во должина од 234 метри, каде што деновиве очекувам да биде завршена и финалната фаза на асфалтирање.

Реконструирана е улица 5 во Добри Дол, со вкупна должина од 667 метри.

Ја асфалтиравме улица 1 во Горно Соње, во должина од повеќе од 1.200 метри.

Извршивме целосна реконструкција на мостот што ги поврзува Ракотинци и Добри Дол. 

А со поддршка на Владата, реализиравме и еден од значајните инфраструктурни проекти, рехабилитацијата на улицата која го поврзува населеното место Света Петка со спојот кон патот за ХЕЦ „Света Петка“, во вкупна должина од 1.696 метри, со поставување на 6.054 квадратни метри асфалт.

Во населеното место Сопиште изградивме нова пешачка патека, целосно нова подземна инфраструктура, поставивме нови канделабри за улично осветлување и нова урбана опрема.

Отпочнавме и со реконтрукција на патниот правец Добри Дол-Марков Манастир, каде што со засилена динамика се работи во моментов.

Овозможивме проиширување на главната улица во  Сопиште, делот пред црквата св.Мина, дел кој до децении беше тесно грло и ризик за сите учесници во сообраќајот. Во моментов оспособени се 2 коловозни ленти и пешачки патеки од двете страни на патот.

Асфалитиран е крак од ул.1 во населено место Св. Петка.

Но и  дополнитлно обезбедивме 10 милиони денари од буџетот на Оптина Сопиште за реконструкција на улици во сите населени места.

А за љубителите на природата и рекреацијата, ја реализиравме и новата рекреативно-планинска патека наречена „Феникс“, која ги поврзува Горно Соње и Крст Водно.

Особено сум горд што значаен дел од нашата работа беше насочен кон најмладите.

Во Сопиште отворивме нова детска градинка „Сонце“, во која 84 дечиња добија безбедно, топло и современо место за згрижување.

За првпат, обезбедивме бесплатна училишна униформа за секое дете во Општина Сопиште.

За секое прваче, обезбедивме и анатомски училишен ранец со комплетен училишен прибор.

По повеќе од 50 години, централното основно училиште „Драга Стојановска“ доби целосно нов кров со нова кровна конструкција, современи кровни панели, нови олуци и комплетен систем за одводнување.

А вложуваме и во подобри услови за учениците преку обезбедувањето на 100 инвертер клими, инвестиција која ја обезбедивме како донација од општествено одговорната компанија, со кои ги опремивме градинките, училиштата и јавните установи.

Инвестиравме и во спортот. Отпочнавме со обновување на урбаната опрема и ги модернизиравме спортските игралишта на територија на Општина Сопиште, а отпочнавме целосно да го реконструиравме и спортскиот центар „Црвена Прст“.

Во населено Место Сопиште за прв пат поставивме отворена фитнес зона. Затоа што сакаме нашите деца слободното време да го поминуваат на спортските терени, а не само пред екраните.

Но Општина не е само инфраструктура.Општината е и заедница. Во духот на традицијата и хуманоста што ги сплотува нашите граѓани, ги организиравме првите Бадникови поворки, во кои учествуваа повеќе од 100 дечиња од општина Сопиште. За првпат организиравме и новогодишен хепенинг и поделивме новогодишни пакетчиња за сите деца во општината.

Продолживме и со сериозна работа во делот на животната средина. Ги отстранивме дивите депонии во Добри Дол, Јаболце, Говрлево а реализиравме и теренски активности и еко-акции на целата територија на општина Сопиште. Во соработка со Пакомак обезбедивме 200 канти за жителите на општината, со цел правилно депонирање и селекција на отпадот. Обезбедивме финансиски средства за набавка на 2 сосема нови возила со кои ќе ја подобриме јавната чистота, за истите во моментов се спровдува постапка за јавна набавка.

Во партнерство со ЕВН Македонија, започнавме со земјеноградежни активности за каблирање и модернизација на електродистрибутивната мрежа. Со овој проект ги подобривме напонските услови и ќе ја зголемиме стабилноста и сигурноста во снабдувањето со електрична енергија за домаќинствата, но и за компаниите. Во Горно и Долно Соње пуштивме во употреба две нови трафостаници, со што мрежата од рурален тип ја трансформираме во современа, стабилна и доверлива мрежа. А за Долно Соње направивме уште еден значаен чекор. Започна бушењето на нов истражно-експлоатационен бунар, со длабочина од 100 метри, кој треба да придонесе кон постабилно водоснабдување на жителите.

И кога зборуваме за иднината, мора да зборуваме и за економскиот развој. Го поставивме камен-темелникот на првиот трговски центар во Општина Сопиште, капитална инвестиција, вредна над 5 милиони евра а во преговори сме и со други инвеститори кои Општина Сопиште ја гледаат како следна бизнис дестинација. Ова се инвестиции кои носат нови работни места, економски развој, нови можности и нова перспектива за општина Сопиште.

Почитувани,

Ова се резултатите зад една година работа. Но, за мене, ова не е список со проекти. Ова се подобри улици. Ова се побезбедни патишта. Ова се подобри услови за нашите деца. Ова се нови можности за младите. Ова е почиста и поуредна општина. Ова е подобар живот за нашите граѓани.

И затоа денес, една година подоцна, можам да кажам: Не ветувавме за да добиеме доверба. Ветивме за да работиме.

А денес, со резултатите, ја оправдуваме довербата. Им благодарам на сите граѓани на општина Сопиште за поддршката, за довербата, но и за критиките и предлозите. Им благодарам на сите вработени во Општина Сопиште, на советниците, на институциите, на компаниите и на сите партнери кои помогнаа овие проекти да станат реалност.

Пред нас има уште многу работа. Нема да застанеме. Ќе продолжиме да инвестираме во секое населено место, во секое семејство, во секое дете и во секој проект кој значи подобар живот.

Затоа што нашата цел е јасна: Да ја направиме Општина Сопиште модерна, развиена и уредна општина, општина во која вреди да се живее, работи и создава иднината.

Една година помина. Резултатите се видливи. Но најдоброто допрва следува. Продолжуваме да работиме. Продолжуваме да градиме. Продолжуваме за Сопиште.