Connect with us

Култура

Даниела Андоновска-Трајковска добитничка на наградата „Даница Ручигај“ за 2026 година

На Конкурсот за наградата „Даница Ручигај“ за најдобра необјавена поетска книга за 2026 година, што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, учествуваа 12 авторки и автори со своите поетски дела.

Жири-комисијата во состав: Ана Пејчинова (членка), Петре Димовски (претседател) и Ахмет Селмани (член), со два гласа „за“ и еден „против“, донесе одлука наградата „Даница Ручигај“ за 2026 година да ѝ биде доделена на поетската книга „Синтакса на постоењето“ од Даниела Андоновска-Трајковска.

„Во ракописот ‘Синтакса на постоењето’ од Даниела Андоновска-Трајковска се отвора вечната борба меѓу доброто и злото, светлината и темнината. Поетесата го следи нивното присуство и дејствување низ времето, градејќи симболички свет во кој доброто се јавува како сила што му се спротивставува на злото и настојува да го потисне. Иако злото често настапува ненадејно и прикриено, маскирано во навидум безопасни облици и проследено со измама, доброто останува непоколебливо и го потврдува човековото настојување кон морално и достоинствено постоење.

‘Синтакса на постоењето’ се издвојува со спојот на реалното и ониричното, како и со внимателно изграден поетски јазик со изразена семантичка густина. Самиот наслов на книгата е нетипичен и функционално клучен за нејзиното читање: нè воведува во онтолошкиот простор на човековото постоење и во неговите внатрешни закономерности. Поетскиот свет на книгата се гради преку контрасти и парадокси, со чие посредство авторката ги отвора прашањата за човекот, неговото постоење и потрагата по смисла. Токму во единството на тематскиот слој, поетскиот јазик и специфичната имагинативна структура, Комисијата ја препознава вредноста на ракописот и причината поради која му ја доделува наградата ‘Даница Ручигај’ за 2026 година“, стои во образложението на Комисијата за наградениот ракопис.

Издвоено образложение
Членката на Комисијата Ана Пејчинова, која при гласањето се определила за друга книга, „Зачин на летата“ од Томислав Османли, смета дека ова дело, кое се најде во најтесниот круг за избор на наградата, заслужува да биде издвоено и да не остане незабележано од читателите. Во своето образложение таа нагласи:

„‘Зачин на летата’ е исклучителна поетска збирка која, во доба кога се чини дека исклучителна љубовна лирика веќе не може да се пишува, успева да понуди изненадувачка страст и свежина во речит и мелодичен стих. Збирката се одликува со ретка тематска и организациска конзистентност – таа ги следи фазите на една долга љубовна приказна, од сетилните „летни“ почетоци, до есенската далечина, копнеж и сеќавања на крајот. Речиси сите песни во збирката се напишани во лесен класичен облик, со питка рима и вешти строфи кои не го ограничуваат, туку ја оплеменуваат лириката. Оваа збирка е гордост на богатата речитост на македонскиот јазик, достојна за традициите на Конески и Шопов. ‘Зачин на летата’ поведува, заведува и остава траен, слатко-зачинет вкус кај читателот.“

Добитничката на наградата ќе добие плакета (повелба), а победничката стихозбирка ќе биде објавена во едицијата „Даница Ручигај“, што ја издава Друштвото на писателите на Македонија.

Ова е второ издание на конкурсот во формат во кој се наградува необјавен поетски ракопис. Прва добитничка беше Александра Јуруковска, наградена за ракописот „Ткажалки“, стихозбирка со која започна едицијата „Даница Ручигај“.

Конкурсот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам.