Култура
„Денови на комедија 2026“ во НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово
Дваесет и деветтиот меѓународен фестивал „Денови на комедија“ во НУЦК „Трајко Прокопиев“ ќе се одржи од 23 септември до 5 октомври годинава, соопштија денеска од Националната установа. Во текот на фестивалските денови, публиката ќе има можност да проследи театарски претстави исполнети со хумор, квалитетна актерска игра и препознатлива фестивалска атмосфера преку изведба на театрите од Македонија и земјите од регионот.
-Со својата долгогодишна традиција, „Денови на комедија“ претставува значаен дел од културниот живот на Куманово и на македонската театарска сцена, привлекувајќи бројна публика и љубители на театарската уметност. Фестивалската програма ќе понуди врвна комедија, познати актерски имиња и претстави кои низ смеата и хуморот отвораат различни теми од секојдневниот живот. Особено значаен момент од годинешното издание ќе биде свеченото отворање на фестивалот, на кое ќе биде доделена престижната награда „Васил Иљоски“ на овогодишниот лауреат Игор Џамбазов, како признание за неговиот долгогодишен придонес во македонската култура, театарот и уметничкиот живот-наведуваат од установата.
Претставите ќе се одржат во НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово, со почеток во 20:00 часот. Цената на билетот изнесува 300 денари. Продажбата на билетите започнува на 19 септември 2026 година (сабота), во 12:00 часот, на билетарницата на Центарот за култура Куманово, како и онлајн преку платформата karti.com.mk. Организаторите ги повикуваат љубителите на театарот навреме да ги обезбедат своите билети и да бидат дел од фестивалските вечери кои Куманово традиционално ги исполнуваат со смеа, аплаузи и добра енергија. Дизајнот е изработен Горјан Михајловски и Дамјан Михајловски. Во советот на фестивалот се Јоана Сарафимовска, Марко Трајковиќ, Фатон Гегу, Мирослав Петковиќ и Александра Михајловска Величковски. И годинава фестивалот доби поддршка од Министерство за култура и туризам, Општина Куманово и општествено-одговорни компании.
септември 16, 2026
