Регион
Поранешниот пратеник од Златна зора, Касидијарис, излезе од затвор и најави формирање партија
Поранешниот пратеник од грчката неонацистичка Златна зора, Илијас Касидијарис, од партијата за која постои судска пресуда дека е криминална организација, денеска излезе од затвор по изджани седум години казна, а пред затворот во Домокос во централна Грција го пречекаа неговите поддржувачи, на кои им најави дека планира да се врати во политиката – јави дописничката на МИА од Атина.
По излегувањето, пред затворот им се обрати на поддржувачите велејќи дека дал збор дека штом ја помине конкретната порта, нема само да се врати на слобода, „туку и во правите линии на националните борби“.
– Денеска се враќам и како што гледам – не сум сам. Со мене е и една нова, силна национална партија, како оние што доминираат во цела Европа. Мојата цел е земјата да се ослободи од најкорумпираната влада во современата грчка историја. Ги гледам политичарите на телевизија, сите овие денови, како буквално се жалат, кројат заговори и велат дека не смее да ми дозволат да се вратам во парламентот. Но, не одлучуваат тие. Во демократијата постои само еден судија: суверениот грчки народ, сите вие – им порача Касидијарис на поддржувачите и најави дека набргу и официјално ќе ја соопшти неговата партија.
Во Грција веќе постои закон со кој се забранува на изборите да учествува партија чиј претседател, генерален секретар или вистински лидер е осуден за криминално дело, а надлежен да донесе одлука за изборното учество на секоја од партиите е Врховниот суд на пленарна седница и со сите десет судии.
Касидијарис се обиде на парламентарните избори во 2023 година да го заобиколи конкретниот закон и со друг партиски претседател да се најде на гласачките ливчиња, меѓутоа не доби зелено светло од Врховниот суд на Грција.
Портпаролот на грчката влада, Павлос Маринакис, на вчерашниот брифинг со новинарите за конкретното прашање објасни дека не размислуваат за дополнителна законска интервенција бидејќи веќе постои „законска рамка со која, врз основа на одлуките на судските власти, се оневозможува во демократскиот процес да учествува партија чиј формален или скриен лидер е осуден за конкретни кривични дела“.
Касидијарис во октомври 2020 година беше осуден на затворска казна од 13 година и шест месеци поради формирање и учество во криминална организација и оттогаш во затвор помина пет години и 11 месеци, а ако се земе предвид и периодот кога беше во притвор, во затвор помина седум години.
Златна зора во периодот од 2012 до 2019 година беше дел од грчкиот парламент, а во октомври 2020 година со судска одлука беше прогласена за криминална организација, лидерот, поранешните пратеници, како и членови на партијата, беа осудени на затворски казни во судскиот процес што траеше пет години и беше еден од најголемите и историски процеси во Грција.
Во јуни 2022 година, седум години по почетокот и 20 месеци по завршувањето на процесот, судењето почна одново по жалбата од осудените поднесена против пресудата донесена во прв степен, а второстепената пресуда, која беше идентична како и првостепената, беше соопштена во март годинава.
септември 16, 2026
