Култура
Балетот „Шехерезада“ на сцената на НОБ на 19 септември
На сцената на Националната опера и балет на 19 септември со почеток во 20 часот ќе биде изведен балетот „Шехерезада“ од рускиот композитор Николај Римски-Корсаков, едно од најпознатите дела од класичниот балетски репертоар, соопшти Националната опера и балет.
Делото, инспирирано од мотивите на „Илјада и една ноќ“, ќе биде изведено под диригентство на Бисера Чадловска. Кореографијата е на балет-мајсторот од Москва, Михаил Крапивин, врз основа на оригиналната постановка на Михаил Фокин. Сценографијата ја потпишува Марија Ветероска, костимограф е Маја Бурсаќ од Србија, а концерт-мајстор е Верица Ламбевска.
Во главните улоги ќе настапат Наташа Трендафилова Гицев и Балаж Лочеи од Унгарија, заедно со првенците, солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
Според организаторот, „Шехерезада“ претставува ремек-дело во балетската литература кое ги спојува магијата на ориенталните приказни, драматичната музика и богатата сценска естетика. Преку експресивна кореографија и впечатлив сценски израз, балетот обработува теми како љубовта, страста, љубомората и интригата, додека ликот на Шехерезада останува симбол на моќта на раскажувањето и мистиката на ориенталниот свет.
септември 14, 2026
