Вести
Минчев: Еднаква плата за еднаква работа – од реформа до функционален систем на плати во јавниот сектор
Системот на плати во јавниот сектор денес сè уште се карактеризира со разни правила, процедури и практики меѓу институциите. Тоа создава нееднаквости и ја отежнува примената на јасни и единствени стандарди за вреднување на работата. Затоа, воспоставувањето поусогласен, транспарентен и праведен систем на плати е една од важните реформи на кои Министерството за јавна администрација посветено работи.
Како што информираат од Министерството, во насока на оваа реформа денеска почнала петдневната TAIEX-експертска мисија посветена на воспоставување единствен и усогласен систем на плати во јавниот сектор. Мисијата ја отвориле министерот за јавна администрација, Горан Минчев, и вршителката на должноста амбасадор на Република Грција, Христина Василату, а во нејзини рамки експерти од грчкото Министерство за национална економија и финансии ќе го пренесат искуството од грчкиот Единствен систем на исплата, модел што овозможува централизирано и усогласено управување со исплатите во јавниот сектор.
– Нашата цел е јасна, да воспоставиме систем во кој правилата ќе бидат јасни и еднакви за сите, а принципот еднаква плата за еднаква работа да биде реално применлив во целиот јавен сектор – порачал министерот Минчев. Министерството работи на новата законска рамка за системот на плати, со план законското решение да биде заокружено до крајот на 2026 година, а неговото постепено и систематско спроведување да почне во 2027 година.
Тој истакна дека ние не сакаме да копираме туѓ модел.
– Сакаме да го разбереме, да го анализираме и врз основа на нашите институционални, законски и финансиски услови да изградиме решение што ќе биде функционално и применливо за Северна Македонија – рекол Минчев.
Според него, целта е да се создаде систем што нема само да ги поедностави процесите, туку ќе донесе поголема транспарентност, подобра контрола на јавните средства и поквалитетни податоци за носење јавни политики.
За Министерството за јавна администрација, ова е конкретен чекор во реформата за градење поефикасен и поправеден систем на плати, систем во кој правилата се јасни, одговорноста е прецизно утврдена, а јавните средства се управуваат поефикасно и потранспарентно.
септември 14, 2026
