Култура
Кируна – шведската европска престолнина на културата 2029 ги повикува македонските уметници да учествуваат со свои проекти
Македонските уметници, културни организации и други чинители од областа на културата имаат можност да предложат проекти и идеи за официјалната програма на Кируна – Европска престолнина на културата 2029. Во рамки на подготовката на програмата, Кируна 2029 отвора две можности за учество на уметници и организации од Шведска и од други земји, се вели во соопштението од Фондација „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.
Уметнички проекти – „Artistic Projects“, повикот е наменет за уметници и организации кои веќе имаат развиен предлог за среден или поголем уметнички проект што би можел да стане дел од програмата на Кируна 2029. Рокот за поднесување е 31 октомври 2026 година.
Тестирајте идеја „Test an Idea“, оваа можност е наменета за оние кои имаат почетна идеја, концепт или размислување за проект, како и за оние кои сакаат да развијат идеја во соработка со други уметници или организации. Идејата не мора да биде целосно развиена во моментот на пријавувањето, а рокот за поднесување е 31 декември 2026 година.
Двата повика се отворени за локални, регионални, национални и меѓународни уметници, културни организации и други актери.
На официјалната веб-страница на Кируна 2029 се достапни информациите за повиците и критериумите за уметничките проекти, формуларите за поднесување проектен предлог или рана идеја, најчесто поставуваните прашања, како и презентација на англиски јазик од вебинарот посветен на отворените повици.
Повеќе информации и пријавување: https://kiruna.se/2029
Фондацијата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ ја споделува оваа можност со македонската уметничка и културна сцена, поттикнувајќи ги уметниците и организациите да ги искористат можностите за нови европски партнерства, соработки и претставување во рамки на програмата на Кируна 2029.
септември 14, 2026
