Вести
Грчкиот епидемиолог, проф. Мајоркинис: Западен Нил не се пренесува од човек на човек, очекуваме опаѓање на вирусот кон крајот на септември
Станува збор за период, за кој би рекол дека не треба да се опуштаме, но исто така нема причина за некоја посебна загриженост, вели во разговор со дописничката на МИА од Атина грчкиот лекар Гикас Мајоркинис, специјалист по клиничка патологија и вонреден професор по хигиена и епидемиологија на Националниот и Каподистриски универзитет во Атина, во однос на зголемената циркулација на вирусот Западен Нил и посочува дека личната заштита игра најважна улога од сите превентивни мерки што можеме да ги преземеме.
Оваа година во Грција има зголемен број заразени со вирусот и со регистрирани вкупно 324 случаи ја надмина рекордната бројка од 2018 година (317 случаи) што беше и годината со најголем број заразени, а истото лето, највисок беше и бројот на починати вкупно 51 лице, додека оваа година потврдени се 30 смртни случаи кај пациенти со инфекција со вирусот.
Професорот Мајоркинис во интервјуто за МИА објаснува дека главниот „виновник“ веројатно е зголемениот број заразени птици од семејството врани, кои го пренесуваат вирусот на комарците, нагласува дека вирусот не се пренесува од човек на човек, ниту пак комарецот се заразува од заразен човек, додека пак за асимптоматските посочува дека не постои никаква опасност.
Објаснува дека според искуството од минатите години кон крајот на месецов се очекува најголемото намалување на бројот на заразени, а паралелно, детално се осврнува на симптомите за кои треба веднаш да се реагира.
Со оглед на тоа што зголемена циркулација на вирусот има и во други земји, но и кај нас, поразговаравме и за тоа дали е потребна меѓудржавна соработка, а според професорот, движењето на луѓето само по себе не претставува ризик за ширење на вирусот, но вели дека ваквата соработка би била корисна главно за размена на знаење, искуства и добри практики во следењето и контролата на заразните болести.
Годинава во Грција е регистриран зголемен број случаи на вирусот на Западен Нил. На што се должи тоа, дали можеби причината се високите температури или климатските промени?
– Годинава навистина имаме зголемена циркулација на вирусот на Западен Нил, што, да потсетиме, се пренесува преку комарци кои се заразиле од заразени птици. Нема друг начин на кој комарецот може да се зарази. Исто така, комарецот не се заразува од која било птица. Се чини дека постојат одредени птици, од семејството на врани, како што се врани, свраки и други птици од тој вид, кај кои се создава високо ниво на вирусот кога ќе се заразат и како резултат на тоа, кога ќе ги касне комарец, вирусот го пренесуваат на комарецот.
Комарецот не се заразува од заразен човек, ниту се пренесува од човек на човек, што значи, зголемениот циркулација на вирусот е поврзана со присуството на поголем број заразени птици, кои можат да ги заразуваат комарците.
Не е лесно да се даде одговор и да се каже дали е виновна климата, климатските промени или температурата. Веројатно сите овие фактори играат улога. Но, сигурно има врска со постоењето на зголемена популација на заразени птици во близина на урбаните центри.
Пример за ова е источниот дел на областа Атика каде што има зголемена циркулација на вирусот.
Ги споменавте урбаните центри, годинава има зголемен број случаи и во областа Атика, поширокиот регион на Атина, но и кај нас, во Скопје. Дали во Грција и порано се случувало да има голема циркулација на вирусот во урбани центри?
– Во Атика и порано имаше случаи и ваква поголема циркулација, но последен пат беше во 2018 година. Секако, треба да кажеме дека случаите се во источниот дел на областа Атика. Во суштина, станува збор за периферните делови. Источна Атика има и земјоделски подрачја. Затоа, засега немаме голема циркулација, на пример, во центарот на Атина.
Генерално, Ве загрижува ситуацијата годинава?
– Станува збор за период за кој би рекол дека не треба да се опуштаме, но исто така нема причина за некоја посебна загриженост.
Колку е веројатно во следните недели да видиме уште поголем број случаи и кога очекувате да се намали циркулацијата?
– Веќе од последните податоци на Националната организација за јавно здравје гледаме пад од околу 20 проценти. Тоа се совпаѓа со она што го гледаме секоја година, односно дека кулминацијата на епидемијата почнува околу средината на август, а потоа следува постепено намалување, а најголемото намалување го очекуваме кон крајот на септември. Ќе видиме дали ќе се повтори ова сценарио што го гледаме секоја година.
Во областа Атика, беа преземени вонредни мерки со дополнително прскање, меѓутоа колку е важна и личната заштита?
– Личната заштита игра најважна улога од сите мерки што можеме да ги преземеме. Тоа значи користење средства против комарци на кожата и во просториите, кои се одобрени за таква употреба, како и мрежи на прозорците. Исто така, важни се и таканаречените „bed nets“ за постарите лица, односно мрежи против комарци над креветите во кои спијат постарите луѓе. Тоа е многу важно за да не ги касаат комарци во текот на ноќта. Исто така, ако има застоена вода во близина на домот, треба да се отстрани или садовите да се затворат. Не треба да има саксии, одводи, олуци и други места со вода, бидејќи таму комарците се размножуваат.
Ако некој мора да оди во подрачје каде што има многу комарци, на пример поради некоја работа, земјоделска активност или друга професионална обврска, добро е да носи блузи со долги ракави и долги панталони.
Колку е опасен вирусот за некој кој е асимптоматски, односно нема никакви симптоми?
– Воопшто. Воопшто не е опасен. Поголемиот дел од популацијата го „поминува на нога“, односно без никакви симптоми и никогаш нема да сфати дека бил заразен.
Постојат ли некои симптоми што по убодот треба да ни бидат предупредување?
– Ако некој развие енцефалитис, тогаш сигурно мора да оди во болница. Симптомите на енцефалитис се ненадејна летаргичност, фотофобија (чувствителност на светлина). Понекогаш има и силна главоболка, вкочанетост на вратот, епилептичен напад и парализа. Ова, секако, претставува тешка клиничка слика, која се лекува исклучиво во болница.
И најчесто е кај повозрасни лица …
-Обично се работи за постари луѓе кои имаат некоја претходно постоечка болест.
Со оглед на тоа што зголемен број случаи на Западен Нил има и во многу други земји, дали е потребна некаква соработка меѓу државите и во однос на туристите кои патуваат, како што беше случајот со коронавирусот или нема потреба од такво нешто?
– Видете, човекот не го пренесува, односно меѓу луѓето не се пренесува, така што тоа нема некое посебно значење. Да постои соработка на ниво на заразни болести, за едни земји да споделуваат искуства и знаење со други, за добрите практики, така што секој да знае кои се најдобрите начини за справување, тоа би било корисно. Но, во никој случај движењето на луѓето не претставува опасност, бидејќи, како што кажавме, вирусот не се пренесува од човек на човек, ниту пак човекот го пренесува вирусот на комарец.
септември 13, 2026
