Економија
Собраниска „виза“ за законот за пријавување и проверка на странски директни инвестиции
Собраниската Комисија за надворешна политика и надворешна трговија даде согласност да продолжи постапката за донесување закон за пријавување и проверка на странски директни инвестиции, законско решение предложено со европско знаме.
Членовите на комисијата предложија 15 амандмани, а претставникот на Владата, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски прифати 6 амандмани од Сали Мурати, Димитар Ковачевски, Моника Зајкова и Соња Мираковски.
-Сакам да се заблагодарам на сите пратеници во македонското Собрание за активниот инпут кој што го дадоа во изработката и дополнителното подобрување на овој закон во рамки на собраниската процедура бидејќи се работи за закон кој што е од стратешки интерес за државата, изработен во тесна координација со Европската унија и со нашите стратешки партнери САД. Сакам да напоменам, рече министерот Муцунски, дел од амандманите се прифатливи и ќе бидат составен дел на законот.
Јавна благодарност за прифатените амандмани од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, искажа и пратеникот Сали Мурати кој нагласи дека со дополнувањата на законот се добиваат пофункционални норми на законот, заштита на националната безбедност, но и заштита на инвеститорите.
Членовите на Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија дадода „виза“ предложениот Закон за пријавување и проверка на странски директни инвестиции да ја продолжи собраниската процедура до негово изгласување чија примена ќе почне 18 месеци по донесувањето од страна на македонското Собрание, период за донесување на соодветните подзаконски акти како и уредба од страна на Владата за утврдување на секторите и видовите критична инфраструктура во државата со што законот ќе биде применлив.
септември 11, 2026
