Connect with us

Економија

Димитриеска-Кочоска: Се движиме по добра траекторија – инвестициите се клучни за економскиот развој

Инвестицискиот циклус што го имаме во изминатиот период треба да го зачуваме. Во 10 последователни квартали во континуитет имаме стапка на раст од 3 и над три проценти, а во последниот квартал стапка на раст од 4,3 отсто. Тоа покажува дека се движиме по една добра траекторија – истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на панел-дискусијата „Од притисокот во еврозоната до фискална отпорност: Буџетски приоритети, реалности во приватниот сектор и регионални лекции“ во рамките на регионалната конференција „Охрид 2026“.

Димитриеска-Кочоска потенцира дека поддршката на инвестицискиот циклус оди заедно со спроведувањето една постепена фискална консолидациј, која треба да биде приоритет. – Прашањето е дали треба да се стремите кон тоа да имате буџетски дефицит колку што сте предвиделе. Дали е можеби потребно и мало изместување во однос на тоа што сте го проектирале во насока на тоа да дадете поддршка на оној инвестициски циклус што трае во еден подолг временски период. И тоа беше еден од најголемите предизвици што го имавме како Министерство за финансии при подготовка на последниот ребаланс на буџетот. Нашата одлука секако беше дека ќе балансираме. Од една страна, дефинитивно, ќе поместиме дел од буџетскиот дефицит во нагорна линија притоа имајќи предвид дека најголем дел од тој дефицит ќе оди кон финансирање проекти, кои ќе додадат дополнителна вредност за економијата, но во исто време внимателно ќе работиме и на приходната страна, затоа што не е фискалната консолидација само фокус на расходната – рече министерката.

Таа потсети дека Македонија е една од земјите што имаше оромен буџетски дефицит во 2020 година, меѓутоа во 2021 не успеа да го консолидира дефицитот и за сметка на тоа фискалната консолидација се одвива побавно. Исто така, влијание на спроведување на овој процес има и исплатата на расходи, кои произлегуваат од стекнати законски права, а кои во минатото ги немало во буџетот.

– Приоритет мора да има фискалната консолидација затоа што тоа на крајот ќе има влијание и врз кредитниот рејтинг, ќе има влијание во иднина и на каматните стапки. Што значи тоа треба да биде приоритет, но не по секоја цена за колкав временски период ќе го оствариме. Не треба да брзаме во остварување на фискалната консолидација – буџетски дефицит под 3 % и јавен долг под 60 %, а на штета на тоа да направиме нарушување кај инвестициите – потенцира министерката за финансии.

Според неа, инвестициите се клучни за растот и дека доколку се видат податоците за растот на БДП во вториот квартал, тие покажуваат дека инвестициите се главен двигател на растот. Притоа наведе дека сè уште има простор за подобрување, но дека се значајни ако се има предвид од каде се почна во првиот квартал од 2024 година кога стапката на раст изнесуваше 1,6 отсто.

Димитриеска-Кочоска посочи дека државата сама не го остварува растот и дека тука се многу значајни и инвестициите на приватниот сектор. Притоа наведе дека покрај поддршката што се дава преку Развојната банка и преку Законот за финансиската поддршка, секако важна е и предвидливоста.

– Имаме еден инвестициски циклус, кој треба да го чуваме и да помагаме колку што можеме и како држава. Дали е доволно? Не, сè уште има одредени структурни проблеми во економијата и тука треба можеби одредени промени. Преку Развојата банка помагаме на приватниот сектор, кај Законот за финансиската поддршка можеби ќе се менуваат одредени работи во насока на тоа да се поддржат одредени компании од одредени сектори, кои сметаме дека треба да се зајакнуваат затоа што не може да зависиме и БДП да ни зависи од оние странски инвеститори, кои пред 15 години дојдоа тука, а факт е дека тие се најголем мотор на создавање БДП. На добра патека сме, но треба сè уште да се работи. Има простор и верувам дека во периодот што следува ќе успееме да ги подобриме и овие резултати – порача министерката.

Димитриеска-Кочоска оцени дека значаен инструмент во трансформација на економијата има и планот за раст, чие исполнување, како што рече, значи поголема трансформација од она што е администрација, легислатива, подобрување на целокупното законодавство и однесување на државата и приближување до европското.