Connect with us

Култура

„Македонија ПЕЕ“ – вечер исполнета со љубов кон Македонија во Македонскиот културно-информативен центар во Софија

Синоќа во преполната сала на Македонскиот културно-информативен центар во Софија се одржа свечениот концерт „Македонија ПЕЕ“, посветен на 35-годишнината од независноста на Македонија. Тоа беше вечер исполнета со музика, емоции, гордост и љубов кон македонската култура, вечер во која преку силата на песната беше испратена порака дека Македонија живее и опстојува во својата култура, во својот јазик, во својата песна и во своето колективно паметење, се вели во соопштението од Македонскиот културно-информативен центар во Софија, кое МИА го објавува интегрално. 

Концертот претставуваше достојно одбележување на еден од најзначајните датуми во современата македонска историја, но и уште една потврда дека културата е еден од најсилните темели врз кои се гради и се чува националниот идентитет. Во свечената атмосфера на Македонскиот КИЦ во Софија, македонската песна прозвуче со посебна сила и со својата искрена емоција ги доближи до публиката убавината, богатството и духовната длабочина на македонското музичко наследство.

Концертот го отвори директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, проф. д-р Зоран Пејковски, кој во своето обраќање ја истакна важноста на одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Македонија и значењето на културата во зачувувањето на националната свест и културната самобитност. Во таа свечена пригода нагласено беше дека Македонија својата приказна не ја раскажува само преку историските настани, туку и преку песната, преку уметноста и преку творештвото на генерациите кои оставиле неизбришлива трага во македонската култура.

А токму песната беше главниот јазик на оваа прекрасна музичка вечер.

Пред публиката  во Софија настапија лирскиот баритон Никола Зацески и пијанистот Бојан Димитровски, кои со својата интерпретација создадоа концертна атмосфера исполнета со емоција и достоинство. Нивниот настап беше своевидна музичка посвета на Македонија, на нејзината историја, на нејзините убавини и на богатото културно наследство што со генерации се пренесува и се чува.

Во обемната концертна програма изведени беа: „Лебеди“, „Ако одам во Битола“, „Вардаре“, „Македонско девојче“, „Заветна“, „Море сокол пие“, како и повеќе други дела. Секоја композиција носеше своја приказна, своја емоција и свое место во македонската културна меморија. Некои од песните потсетуваа на родниот крај, некои на љубовта, на младоста и на убавината, а други пак ја носеа во себе силната порака за припадноста, корените и татковината.

Во интерпретацијата на Никола Зацески, македонската песна доби посебна вокална изразност. Неговиот глас, исполнет со сила и емоција, на познатите композиции им даде нова концертна димензија, додека пијанистот Бојан Димтровски со својата музичка интерпретација создаде сигурна и впечатлива поддршка, градејќи заедно со вокалниот солист една компактна и уметнички заокружена целина.

Особено силно одекнаа песните кои се длабоко врежани во македонската душа. „Вардаре“ го донесе симболот на реката која со векови тече низ македонските предели, „Ако одам во Битола“ ја оживеа емоцијата кон родниот град, „Македонско девојче“ ја донесе препознатливата убавина на македонската песна, додека „Заветна“ и „Море сокол пие“ ја нагласија врската со традицијата, корените и историското паметење.

Токму во тие моменти најсилно се чувствуваше дека песната е многу повеќе од музика, односно дека таа е спомен, таа е чувство, таа е едноствавно речено, припадност. Таа е она што останува кога ќе поминат годините и генерациите, она што продолжува да ги поврзува луѓето со својата земја и со своите корени.

„Македонија ПЕЕ“ не беше само концерт, туку беше културен настан со силна симболика, преку кој Македонија во Софија се претстави со она што го има највредното: со својата песна, својата уметност и својата култура. Синоќа на концертната вечер се слушаше македонското име преку мелодијата, а љубовта кон татковината преку секој стих и секој тон.

Одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Македонија токму преку музиката има посебна вредност. Независноста е историски и политички чин, но идентитетот на еден народ се гради и се препознава низ јазикот, културата, традицијата и уметноста. А македонската песна е еден од најсилните чувари на тој идентитет.

Во таа смисла, Македонскиот културно-информативен центар во Софија, под раководство на проф. д-р Зоран Пејковски, со реализацијата на концертот „Македонија ПЕЕ“ уште еднаш ја потврди својата улога како место каде што македонската култура се претставува со достоинство, каде што македонските уметници добиваат простор и каде што македонската песна продолжува да живее и да се слуша.

Оваа концертна вечер беше и потсетување дека културата не познава граници. Кога се пее од срце, кога се пее за она што се сака и за она на што му се припаѓа, музиката станува најубавиот мост меѓу луѓето. Македонската песна и овојпат ја исполни таа мисија – да ја претстави Македонија онаква каква што ја носиме во себе: горда, своја, богата со традиција и со култура.

„Македонија ПЕЕ“ беше вечер во која не се пееше само за Македонија. Се пееше со Македонија во срцето.

И додека последните тонови одекнуваа во просторот на Македонскиот КИЦ во Софија, остана чувството дека македонската песна продолжува да живее, да се пренесува и да сведочи за еден народ, за една култура и за една татковина која својата најискрена приказна отсекогаш знаела да ја раскаже – преку песна.

Македонија пее. Македонија памети. Македонија живее.