Connect with us

Култура

Давор Стојановски – добитник на награда за литература во Австрија

Македонскиот писател Давор Стојановски е добитник на наградата за литература на австрискиот регион Кернтен/Корошка. Наградата, што по првпат ја добива автор што не е роден во регионот и што не твори на еден од двата тамошни официјални јазика – германски или словенечки, ќе му биде доделена во декември на свечена церемонија во Клагенфурт/Целовец.

Во рамките на годишните културни награди што ги доделува австрискиот регион Кернтен/Корошка, при што секоја година финансиски се поддржуваат уметници во осум различни категории, владата на регионот по предлог на културниот гремиум одлучи наградата за литература да му ја додели на македонскиот писател Стојановски. 

Давор Стојановски (Скопје, 1987) е романсиер, поет, драмски автор и музичар. Магистрирал на Катедрата за македонска книжевност на факултетот „Блаже Конески“. Работел како копирајтер и уредник. Преведува од словенечки на македонски. Добитник е на Роман на годината на „Утрински весник“ за „Собирачи на пепел“ (2016), финалист за Роман на годината на Фондацијата „Славко Јаневски“ за „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ (2021), бил номиниран за Наградата на ЕУ за литература (2020) и во најтесен избор за наградата „Ацо Шопов“ на ДПМ, како и македонски кандидат за наградата Балканика за 2021 година. Неговата драма „Грејс Кели не пие бамбус“ (2021) беше избрана и препорачана за превод од мрежата ЕУРОДРАМ. Автор е на воведниот есеј на австриското списание за култура Brücke за 2026 година на тема „невидливи литератури“. Живее во Кернтен/Корошка во Австрија. Поранешен член е на бендот Foolish Green