Политика
Демократски сојуз: Тежок пат до независност
Распадот на Југославија претставуваше историска можност за остварување на вековните стремежи на македонскиот народ – Македонија да прогласи самостојност и да се етаблира како независна и суверена држава.
Процесот на осамостојување се одвиваше во исклучително сложени геополитички и балкански околности, оптоварени со историски наследства, идеи за големи држави, но и со силни притисоци и обиди Македонија да не успее да се конституира како самостојна држава.
Едни од соседите го оспоруваа името, други народот, трети Македонската православна црква, со заедничка цел – да се спречи преиспитувањето на последиците од Букурешкиот договор од 1913 година, по кој Македонија беше поделена.
Стравувањата на соседите дека со создавањето независна македонска држава ќе започне процес на обединување на Македонија беа засновани на анахрони и нереални претпоставки, кои немаат допир со современата политичка реалност.
Македонското државно раководство, и покрај предупредувањата и укажувањата на Соединетите Американски Држави, во 1993 година прифати Македонија да биде примена во Обединетите нации под привремената референца „Поранешна Југословенска Република Македонија“. Тој чин создаде, а дел од неговите последици и денес создаваат, сериозни политички и државни проблеми.
Од 1991 година, па сè до денес – на Денот на независноста – Република Македонија се соочува со бројни предизвици и блокади на својот европски пат и во стремежот за полноправно членство во Европската Унија.
Добро е што денес, без разлика на политичките и другите разлики, сите сме горди, обединети и го славиме Денот на независноста. Тој ден е симбол на вековната борба за слобода и државност и претставува продолжение на идеалите на илинденците, партизаните и сите современици кои придонеле за зачувување и афирмација на македонската самобитност, државност и достоинство.
Демократски сојуз им го честита Денот на независноста на сите граѓани на Република Македонија и упатува повик за единство.
Да се обединиме околу најважните државни и национални интереси и заеднички да ја градиме Македонија како модерна, демократска и европска држава – држава на сите нејзини граѓани.
Честит 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија!
септември 8, 2026
