Политика
Филипче за 8 Септември: Нашата генерациска задача е да изградиме европска држава
Претседателот на СДСМ – Венко Филипче, по повод 8 Септември – Денот на независноста рече дека македонската државност е создавана низ генерации и дека денешната генерација има обврска да продолжи со нејзиното градење.
„Денес одбележуваме 35 години од историската одлука на македонските граѓани за независна, суверена и демократска држава“, напиша Филипче на Фејсбук.
Тој оцени дека секоја генерација имала своја историска улога. Порача дека на 35-годишнината од независноста фокусот треба да биде насочен кон иднината и кон создавање услови младите да останат во земјата.
„Нашите предци се бореа да имаме своја држава. Оваа наша генерација има обврска да се избори нашите деца да сакаат да живеат во неа, да се избори за Европска Македонија. Да изградиме европска Македонија во која младите ќе можат да создадат дом и семејство, да имаат достоинствена работа, да успеваат со знаење и труд и да имаат европски можности дома“, порача Филипче.
Ја опиша изградбата на Македонија како генерациска задача
„Тоа е нашата генерациска задача. Да ја продолжиме македонската државотворна линија – со заедништво, со достоинство, и со јасна визија за иднината во Европа. Затоа што Македонија е сè што имаме. Нека ни е честит и вековит 8 Септември – Денот на независноста!“, порача Филипче.
септември 8, 2026
