Забава
Се намалува бројот морски папагали на шкотскиот остров Меј
Некогаш големата колонија на морски папагали (Fratercula arctica) на островот Меј во Шкотска брзо се намалува. Научниците откриваат дека морските птици сѐ повеќе страдаат од зголемувањето на температурата на морето, недостатокот на плен и силните бури, што значително влијаело врз нивниот опстанок последниве години, објави „Би-би-си“.
Така, една од најголемите колонии на морски папагали во Велика Британија забележала нагло намалување на бројот на гнезда што ги користат птиците. Истражувачите велат дека главните причини за ова намалување се недостатокот на храна, бидејќи затоплувањето на океаните влијаело врз популациите на песочните јагули, кои се главен извор на храна за овие птици, потоа сè посилните бури во комбинација со други екстремни временски услови. Според шкотската организација за заштита на природата „Нејчр-Скот“ (NatureScot), бројот на гнезда што ги користат овие птици на островот Меј во заливот Фирт оф Форт се намалил за околу 30 насто за две години.
Истражувањето, спроведено во соработка со Центарот за екологија и хидрологија на Велика Британија (УКЦЕХ), покажува дека многу од птиците угинале за време на силни бури.
Истражувачите го сметаат намалувањето на популацијата за загрижувачко бидејќи за време на летните истражувања на островот изброиле околу 36.500 активни дувла. Ова е за една третина помалку отколку во 2024 година, кога имало приближно 52.000.
Островот е природен резерват од 1956 година. Досега на него се регистрирани речиси 300 видови птици, а морските папагали се особена знаменитост во Велика Британија.
Менаџерот на резерватот, Дејвид Стил изјави дека сегашниот пад го потсетил на состојбата на почетокот на ова илјадалетие, кога бројот на овие птици, исто така, значително се намалил, по што нивната популација повторно се зголемила во текот на следната деценија. И според него, сегашниот пад најверојатно е резултат на комбинација од неколку фактори. Тој нагласи дека резултатите покажуваат колку е важно натамошното следење на популациите и работата на заштита на природата во области како островот Меј.
При истражувањето, научниците систематски го проучувале островот шест дена, ги броеле дупките и проверувале дали ги користат морски папагали или зајаци. Бидејќи тука нема големи грабливци, островот е важно засолниште за бројни видови. Во есен и зима, таму се собираат неколку илјади фоки, додека околу 250 видови птици преселници го користат островот како место за одмор за време на миграциите.
Менаџерот за теренски истражувања на УКЦЕХ на островот Меј, Марк Њуел предупреди дека и идните екстремни временски настани би можеле да влијаат и врз размножувањето на морскиот папагал и други морски птици. Според него, последните пет зими бројот на морски папагал е погоден од низа екстремни климатски настани, како што се морските топлотни бранови и силните бури.
Научниците се загрижени и затоа што, поради климатските примени, екстремните временски настани би можеле да бидат уште почести и посилни во иднина.
септември 7, 2026
