Забава
Британски милијардер се подготвува да се пресели, поради даноците ја избира Грција
Британскиот милијардер и основач на хеџ фондот „Рокос Капитал Менаџмент“, Крис Рокос, има намера да го промени даночниот престој и да се пресели во Грција, објави „Блумберг“, повикувајќи се на извори.
Според медиумот, Рокос планира да отвори и канцеларија во Атина за својата компанија, која управува со средства вредни околу 22 милијарди долари. Претставникот на „Рокос Капитал Менаџмент“ не сакаше да коментира за тие наводи.
Рокос е меѓу најголемите даночни обврзници во Велика Британија. На последната годишна листа на „Сандеј Тајмс“, тој го зазеде третото место, откако плати 330 милиони фунти, или околу 447 милиони долари, на име даноци. „Блумберг“ го проценува неговото богатство на околу четири милијарди долари.
Неговата намера да ја напушти Велика Британија доаѓа во време кога властите ги променија даночните правила, што веќе ги охрабри некои од богатите претприемачи да ја напуштат земјата.
Грција, од друга страна, им нуди на богатите странци посебен даночен режим во траење од 15 години. Одредени категории нови жители можат да плаќаат фиксен годишен данок од 100.000 евра за приход остварен во странство. Во текот на летото, грчките власти усвоија нови правила за управување со инвестициски фондови. Тие предвидуваат заштита на странските фондови од двојно оданочување во случај на директори кои се преселуваат во Грција, како и даночна стапка од пет проценти на нивниот приход од учество во профитот на фондовите.
Според „Блумберг“, евентуалното заминување на Рокос би било уште едно значајно заминување од британскиот финансиски сектор, и тоа пред презентирањето на новиот буџет на земјата.
септември 7, 2026
