Скопје
Општина Центар објави повик за асистенти за ученици со посебни потреби: Месечен надоместок од 18.000 денари
Општина Центар го објави јавниот повик за ангажирање лични асистенти на ученици со посебни образовни потреби, во рамки на проектот „Образование за сите“, кој ќе се реализира во општинските основни училишта во учебната 2026/2027 година, информира градоначалникот Горан Герасимовски.
Личните асистенти, како што вели, ќе им обезбедуваат поддршка на учениците во текот на образовниот процес, со цел полесно вклучување во наставата и секојдневните училишни активности.
-Со проектот „Образование за сите“, продолжуваме со поддршката за учениците на кои им е потребна дополнителна помош во текот на образовниот процес. Нашата цел е секое дете да има еднаква можност да учи, да напредува и да биде вклучено во училишната средина. Истовремено, преку овој проект отвораме можност за работен ангажман на лица кои имаат знаење, искуство и желба да работат со деца- изјави Герасимовски.
На јавниот повик можат да се пријават заинтересирани лица со минимум завршено средно образование и претходно искуство во работа со деца со посебни образовни потреби. Повикот е насочен и кон долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица постари од 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
Предност ќе имаат кандидатите со високо образование од областа на наставата, психологијата, педагогијата, дефектологијата и социјалната работа, како и лицата кои имаат претходно искуство како лични или образовни асистенти или поседуваат лиценца за личен асистент на лица со попреченост.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани 20 часа неделно во период од осум месеци, почнувајќи од октомври 2026 година до крајот на учебната 2026/2027 година. За ангажманот е предвиден месечен нето-надоместок од 18.000 денари.
Пријавите со потребната документација се поднесуваат во Архивата на Општина Центар-Скопје, барака 6, од 9:00 до 15:00 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на објавувањето и е достапен на веб-страницата на Општина Центар-Скопје и на огласните табли во општинските основни училишта.
септември 4, 2026
