Connect with us

Политика

ВМРО-ДПМНЕ: 138 милиони денари за реконструкција на 18 улици во Аеродромкултурен центар

Општина Аеродром продолжува со засилено темпо да инвестира во развојот на општината, во подобра инфраструктура, современо образование, подобри услови за децата, чиста животна средина, спорт и безбедност.

Во изминатиот период реализирани се и започнати голем број проекти низ сите населби во Аеродром, со цел граѓаните да добијат подобри услови за живот и функционална општина.

Еден од најголемите инвестициски циклуси е во сообраќајната инфраструктура, за што се обезбедени 138 милиони денари за реконструкција на 18 улици со вкупна должина од 5,4 километри. Целосно е реконструирана улицата „Симеон Кавракиров“ во Мичурин, се реконструира „Лисец“ во Горно Лисиче, а се работи и на повеќе краци од „Ѓорѓи Капчев“ и „Тодор Чангов“.

Паралелно се уредуваат и други сообраќајни и пешачки површини, а со поддршка од Градот Скопје е реконструирана улицата „Фрањо Клуз“ во должина од еден километар, додека на кракот од булеварот „Трета македонска бригада“ е поставено ново улично осветлување.

Во следниот период продолжува модернизацијата на јавното осветлување преку воведување смарт-осветлување, со кое ќе се обезбеди поефикасен и поекономичен систем.

Се инвестира и во водоводната инфраструктура, така на улицата „Божидар Рајковиќ“ во Горно Лисиче е поставена нова водоводна мрежа во должина од 1.000 метри, инвестиција од 12 милиони денари, обезбедени од македонската Влада, а во Долно Лисиче се реализираат активности за унапредување на водоводната мрежа и подобрување на водоснабдувањето.

За Општина Аеродром, образованието е меѓу најважните приоритети, па така веќе е ставен во функција новиот објект на ООУ „Блаже Конески“, а во тек е втората фаза со доградба, нова спортска сала, спортски терени и уредување на училишниот двор.

Во ООУ „Александар Македонски“ се обезбедени услови за целосна едносменска настава, во ООУ „Димитар Македонски“ учениците од шесто до деветто одделение од 1 септември следат настава во една смена, а во ООУ „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче се градат шест нови училници и две канцеларии.

Дополнително, училниците се модернизираат со современа технологија, смарт-табли и таблети, најуспешните ученици и наставници се наградуваат, а преку топлински пумпи и фотоволтаични системи, се инвестира во енергетската ефикасност на училиштата.

Подобри услови се создаваат и во детските градинки, така што во тек е постапката за проектирање на првата градинка во Долно Лисиче, со проширувањето на „Изворче“ во Стар Аеродром ќе се обезбеди простор за повеќе од 400 деца, по 33 години е реконструиран горниот кат на „Буба Мара“, а во „Бамби“ е поставена нова термофасада.

Особено внимание се посветува на децата со развојни потешкотии и попреченост преку бесплатни логопедски и дефектолошки третмани и активности за инклузивно образование.

Општина Аеродром, исто така, продолжува со мерки за поддршка на семејствата со новороденчиња и првачиња, додека со мерката „Нула комуналии – прв дом за млади“, младите до 35 години се ослободуваат од плаќање комуналии при создавање на својот прв дом, а преку официјализирана соработка со Здружението на пензионери Аеродром е обезбедена финансиска поддршка за активностите на највозрасните граѓани.

За почиста и позелена општина, само во првите месеци се исчистени повеќе од 600 тони отпад и голем број диви депонии, започна и селекцијата на пластичен отпад директно од домаќинствата, додека во Ново Лисиче е поставен систем за полевање во должина од 2,5 километри со повеќе од 300 прскалки и се набави нова механизација за одржување на зелените површини. Од друга страна, во соработка со Градот Скопје и Општина Гази Баба се преземаат активности за решавање на проблемот со „Вардариште“.

Се обновуваат детските игралишта, спортските терени и јавните површини. Во паркот „Авионче“ е изградено ново кошаркарско игралиште, а се поставуваат и нови фитнес и калистеника-зони.

Во тек е изградбата на првата спортска сала во Долно Лисиче, а жителите на Аеродром имаат и можност за бесплатно користење на тениските терени, додека во Ново Лисиче започна изградбата на првиот мултифункционален културен центар, кој ќе понуди нов простор за културни настани и содржини за сите генерации.

Започната е реализацијата на проектот за видеонадзор во општината, а паралелно се подобрува уличното осветлување и се засилуваат контролите на комуналниот ред, бучавата и градилиштата, а општината продолжува и со унапредување на транспарентноста и комуникацијата со граѓаните, со можност за анонимно оценување на работата на администрацијата.

Аеродром се развива со конкретни проекти, инвестиции и работа на терен.