Свет
Естонскиот министер за одбрана поднесе оставка, МО платило 70 милиони евра на компанија што не продала ниту една граната
Естонскиот министер за одбрана Хано Певкур поднесе оставка откако беше откриено дека Естонија и платила на фирмата „Датасел“ околу 70 милиони евра однапред за артилериска муниција наменета за Украина, иако компанијата претходно не продала ниту една граната.
Певкур рече дека лично не знае за проблемите околу договорот за муниција, но нагласи дека е подготвен да ја преземе одговорноста.
„Лидер мора да има сила и храброст да ја преземе одговорноста. Иако министерот не брои чорапи и куршуми и не преговара за договори, забелешките на Државниот завод за ревизија го поставуваат прашањето за политичка одговорност“, објави Певкур на Фејсбук каде најави оставка.
„Затоа денеска морам да ја преземам политичката одговорност за целиот одбранбен сектор и да му ја предадам функцијата министер за одбрана на премиерот“, додаде тој.
Во 2024 година, Естонија потпиша договор со Датасел, компанија регистрирана во Италија и во сопственост на индиската компанија Неко Дифенс Мунишнс. Ниту Датасел ниту нејзината матична компанија претходно не ги произвеле ниту продале барани артилериски гранати. Првиот договор беше потпишан во август 2024 година, кога Естонскиот државен инвестициски центар за одбрана плати 15 милиони евра. Парите не беа обезбедени од естонскиот државен буџет, туку од Европскиот мировен фонд.
Вториот договор беше потпишан во октомври истата година, со нов аванс од повеќе од десет милиони евра. До крајот на 2024 година беа потпишани уште два договори, и вкупната вредност на авансните плаќања достигна околу 70 милиони евра.
Првата испорака на муниција требаше да се изврши во ноември 2024 година, но добавувачот пријави проблеми со производството. Муницијата до денес не е испорачана во согласност со договорот, па затоа Естонија покрена постапка против компанијата. Спорот сега се решава пред Европскиот центар за арбитража и медијација.
Според естонските ревизори, утврдени се сериозни проблеми во работата на институциите под надлежност на МО, што го зголемува ризикот од злоупотреба на државни пари и имот. Ревизорите посочија на слични проблеми и во претходните години. Певкур беше министер за одбрана од 2022 година.
септември 3, 2026
