Култура
Во Штип почнува Фестивалот „Golden Piano Talents“, на кој ќе настапат 50 пијанисти од светот

Од денес до сабота, Штип ќе биде домаќин на интернационалниот Фестивал „Golden Piano Talents“, кој по четврти пат ќе ги собере најдобрите млади пијанисти од целиот свет. Фестивалот, кој брзо се афирмираше како еден од најзначајните музички настани во регионот, ќе се одржи во уметничката галерија „Безистен“, а ќе понуди извонредни музички изведби, едукативни активности и можности за меѓународна размена на таленти.
Уметничкиот директор на Фестивалот „Golden Piano Talents“ Марија Максимова вели дека во овие три дена на фестивалот ќе настапат 50 пијанисти од над 40 земји, кои ќе ја воодушеват публиката со своите интерпретации на класични дела.
-Програмата вклучува пет соло рецитали и два концерта на победниците, кои ќе ги понудат најдобрите младински таленти од Македонија и светот. Во рамките на фестивалот ќе биде организирано и предавање од пијанистката Антониа де Паскуале (Италија), која ќе сподели свои знаења и искуства со младите уметници. Завршниот ден ќе донесе Големиот свечен концерт, на кој ќе бидат доделени награди и признанија за најуспешните пијанисти, вели Максимова.
„Golden Piano Talents“ претставува не само врвен музички настан, туку и важен културен и образовен проект, кој на Штип и Македонија им носи светско признание во полето на класичната музика.
септември 12, 2025