Вести
Сиљановска Давкова по средбата со Јотова: Треба да продолжиме да разговараме за тешките прашања
Треба да продолжиме да разговараме за тешките прашања!, истакна претседателката Гордана Сиљановска Давкова во објава на социјалните мрежи по средбата со нејзината бугарска колешка Илијана Јотова, што се одржа на маргините на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Софија.
Во фокусот на разговорот со Јотова, како што вели, беа проблемите во билатералните односи, врзани за македонската евроинтеграција.
– Изразивме различни ставови за можните решенија за отпочнување на македонските пристапни преговори – информира Сиљановска Давкова.
Укажала и на неопходноста од интензивирање на комуникацијата меѓу училиштата, универзитетите, научните и културните институции, невладините организации и граѓаните заради надминување на предрасудите, зближување и разбирање.
– Ја потенцирав важноста на спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, како обврска за сите земји-членки на Советот на Европа.
Треба да продолжиме да разговараме за тешките прашања! – вели претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
јуни 11, 2026


