Култура
Промовирана книгата „Безбедносен менаџмент“ од проф. д-р Оливер Бакрески
Во Музејот на македонската борба вечерва беше промовирана книгата „Безбедносен менаџмент“ од деканот на Филозофскиот факултет во Скопје, проф. д-р Оливер Бакрески. Како што беше речено на настанот, станува збор за учебник за студенти кои студираат безбедност.
На промоцијата на книгата беше присутен и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Во обраќањето пред присутните, тој истакна дека учебникот „Безбедносен менаџмент” претставува дело што означува значаен придонес кон развојот на современата македонска безбедносна наука и практика.
– Овој учебник е силен потсетник дека највисоката моќ на едно општество, не лежи само во неговата економска сила или политичка стабилност, туку и во неговата способност да создава знаење и да гради генерации подготвени да ја носат иднината – истакна министерот.
Тошковски нагласи дека безбедносниот менаџмент како научна дисциплина ја надминува границата на теоретското знаење и се претвора во практична рамка за управување со комплексните безбедносни процеси.
– Учебникот што денес го промовираме е потврда за тоа – тој е интелектуален простор каде научните истражувања ја откриваат длабочината на современите безбедносни предизвици, а студентите и професионалците добиваат аналитички алатки за да ја разберат сложената безбедносна динамика – подвлече Тошковски.
Според него, вредноста на оваа книга лежи токму во способноста да создаде методолошка и концептуална основа за практична примена на теоријата – инструмент што гради компетенции, развива критичка мисла и ја зајакнува институционалната способност за управување со ризиците.
Тошковски дополни дека за сите во безбедносниот сектор, учебникот „Безбедносен менаџмент” отвора три суштински димензии.
– Прво, ова дело ја нагласува важноста на интердисциплинарниот пристап. Безбедноста не може да се разгледува изолирано – таа е нераскинливо поврзана со правото, политиката, економијата и технологијата – истакна Тошковски.
Учебникот, како што рече министерот, ја интегрира оваа комплексност и создава рамка во која безбедноста се сфаќа како целосен систем, а не фрагментирана дисциплина – особено значајно во време кога глобалните ризици бараат мултидимензионални одговори.
– Второ, учебникот претставува конкретна поддршка за институционалниот развој – не само теоретски водич, туку практична алатка за секојдневното управување со процесите во безбедносните институции, со јасни насоки за анализа, планирање и имплементација на политики. Трето, ова дело е доказ дека без науката нема прогрес ниту во безбедноста, ниту во државата – потенцираше Тошковски.
Науката е таа, додаде министерот, што обезбедува критичка мисла и методолошка прецизност, а институциите се тие што ја претвораат таа мисла во практична сила.
Учебникот „Безбедносен менаџмент”, подвлече Тошковски, е симбол на таа синергија – заеднички влог во иднината на нашето општество.
На настанот беше истакнато дека со промоцијата на учебникот „Безбедносен менаџмент” се одбележува еден исклучителен творечки и научен ангажман на авторот. Творечката страст на проф. д-р Бакрески, како што беше потенцирано, е потврдена и докажана во сите овие години наназад што се сведоштво за една личност, која има акумулирано голем научен капитал и личност, која е целосно посветена на работата и на професијата.
– Неговиот континуиран напор да ја надградува и проширува научната мисла преку нови трудови и научни дела претставува фундаментален придонес во конституирањето и развојот на современата безбедносна наука. Со секое негово истражување се поставуваат нови парадигми, се отвораат критички дискурси и се создаваат методолошки рамки што ја зацврстуваат дисциплината како автономна и релевантна научна област. Неговите дела не само што се достојни за почит, туку и се вградени во академското наследство како трајна инспирација и ориентација за идните генерации истражувачи, студенти и практичари во областа на безбедноста. Со тоа, тој ја афирмира науката како двигател на општествената стабилност, ја легитимира академската заедница како носител на критичка мисла и ја позиционира безбедносната дисциплина како клучен фактор во обликувањето на иднината – беше споделено на промоцијата на книгата.
јуни 11, 2026


