Connect with us

Вести

До Собранието досега не е доставена резолуцијата за црвените линии што ја најавува СДСМ

До Собранието досега не е пристигната резолуција за црвените линии што ја најавува претседателот на македонската опозициска партија СДСМ, Венко Филипче. Претседателот на Собранието Африм Гаши вели дека штом го добијат документот, тој ќе биде испратен до пратениците и процесуиран согласно законите. 

Лидерот на СДСМ, кој денеска е во посета на Франција, изјави дека резолуцијата е во завршна фаза и дека со неа ќе се понуди национален механизам за справување со евентуалните дополнителни барања од страна на Бугарија. 

– Во финална фаза е подготовката на Резолуцијата, која ќе биде вин-вин решение за државата и граѓаните. Со оваа Резолуција ќе понудиме национален механизам за справување со евентуални непринципиелни барања од Бугарија во текот на преговорите ако тие на било кој начин излегуваат од Преговарачката рамка, изјави Филипче.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, вчера во обраќањето на централната свеченост по повод Денот на независноста рече дека едвај чека да го види предлогот на СДСМ нагласувајќи дека приоритет на Владата се евроинтеграциите, но тој пат не смее да биде срамен, туку достоинствен.

– Со радост го чекам тој предлог да видам каков ќе биде. Во исчекување сум, со нетрпение го чекам. Од истите тие кои прифатија декларација за непромена на името, па потоа го сменија, од оние кои викаа дека нема ултиматуми, па го донесоа францускиот предлог, од тие кои велеа „ајде на референдум“, па потоа не ги признаваа резултатите од него. Ајде да видиме какви се тие црвени линии, чија боја ќе биде побледа од најбелата боја, затоа што не може во исто време да се збори за црвени линии, а да се вели „мора да се прифати се што е на маса, безусловно“. Но ви велам, да бидете сигурни дека додека јас сум претседател на Владата, нема да има игри со вакви прашања. Државата ќе биде сигурна, рече Мицкоски.

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова минатата недела изјави дека нема потреба од нова декларација за црвените линии на државата и ги повика сите партии да се обединат и да постигнат консензус за тоа како ќе настапуваат надвор од државата. 

– По толку бели линии, сега да зборувате за црвени линии, е апсурдно. Ние имаме декларација, и тоа не само една, туку неколку декларации имаме донесено во Собранието и не беа почитувани. Дури и референдумски резултат не почитувавме, а камоли црвени линии. Не разбирам што значи црвена линија во овој поглед, особено не ја разбирам аргументацијата дека доколку сепак посегне соседот по вето, ние тогаш ќе ги прекинеме преговорите, рече Сиљановска-Давкова во изјава за медиумите дадена по врачувањето на признанието „Инженерски прстен 2025“.