Connect with us

Култура

Книжевно-уметничка средба во Москва посветена на словенското писмо и светите рамноапостолни браќа Кирил и Методиј

Книжевно-уметничка средба во рамки на проектот „Читај ја Македонија!“ на Олга Панкина се одржа вчера во Центарот за словенски култури, Москва, насловена Зборот и Ликот.

Панкина ги потсети присутните за создавањето на словенското писмо кое потекнува од македонската земја, нагласувајќи ја улогата на сесловенските просветители светите рамноапостолни браќа Кирил и Методиј.

Панкина, како што посочува, го претставила романот „Азбука за непослушните“ од Венко Андоновски, во кој писателот-ерудит ја прикажува сопствената историја за создавањето на словенската азбука. Во Русија книгата има голем успех и веќе доживеа три изданија.

Присутните го слушнаа извадокот од романот, како и избор поезија на македонските автори чии песни се исполнети со љубов и почит кон зборот и мајчиниот јазик (Блаже Конески, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Влада Урошевиќ и други) во изведба на актерите од Театарот „Город“. Актерите, исто така блескаво одиграа три сцени од претставата „Чернодрински се враќа дома“ на Горан Стефановски.

Во рамки на настанот била изведена македонска народна музика, а биле прикажани и видеоматеријали за културата и природните убавини на Македонија.

„Читај ја Македонија!“ е културно-образовен проект на претседателката на невладината организација Македонски културен центар во Москва, поетеса и преведувачка Олга Панкина, која континуирано го реализира од 2014 година. Во рамки на овој проект таа досега организираше големи книжевни изложби, литературни средби на кои ги претстави делата на македонските класици, современи прозаисти, поети и драматурзи.

Ad
Ad