Култура
МАНУ со „Континуитети“ ја претстави македонската ликовна уметност пред црногорската културна јавност
Во Црногорската академија на науките и уметностите во Подгорица, на 15 септември 2026 беше отворена изложбата „Континуитети“, со која Македонската академија на науките и уметностите пред црногорската културна јавност претстави избор од значајни остварувања на македонската ликовна уметност.
Изложбата, реализирана во соработка меѓу Македонската академија на науките и уметностите и Црногорската академија на науките и уметностите, претставува продолжение на уметничкиот дијалог меѓу двете институции и своевидна возвратна средба по изложбата реализирана во Скопје.
Пред присутните гости, академици, уметници, претставници на културниот живот и љубители на уметноста, изложбата ја отвори акад. Павле Горановиќ, секретар на Одделението за уметност на ЦАНУ, кој во своето обраќање го истакна значењето на уметничката соработка меѓу двете академии и можноста преку ваквите проекти да се продлабочуваат културните врски меѓу Македонија и Црна Гора, се вели во соопштението од МАНУ.
За концептот и значењето на изложбата се обрати доп. член Жарко Башески, кој се осврна на местото на академиците-уметници во развојот на македонската ликовна уметност, како и на значењето на нивното творештво во рамките на Одделението за уметност на МАНУ. Башески ја нагласи важноста на присуството на повеќе генерации уметници во една изложбена целина, преку која може да се следи развојот на македонскиот ликовен израз, неговите трансформации и различните индивидуални авторски поетики.
Концептот и реализацијата на изложбата ги претстави Ивана Димов Џолева, координатор на изложбата, осврнувајќи се на идејата „Континуитети“ да го прикаже не само траењето на одредени уметнички вредности, туку и нивното постојано преобликување низ различните генерации.
Во изложбената поставка се среќаваат дела на автори кои припаѓаат на различни генерации и кои со своето творештво оставиле значаен белег во македонската уметност. Меѓу нив се Никола Мартиноски, Димче Коцо, Вангел Коџоман, Димо Тодоровски, Јордан Грабулоски – Грабул, Димитар Кондовски, Томе Серафимовски, Петар Хаџи Бошков, Боро Митриќески, Васко Ташковски, Киро Урдин, Влада Урошевиќ, Газанфер Бајрам, Младен Србиновиќ, Омер Калеши, Глигор Чемерски, Невзат Бејтули – Кица, и Жарко Башески.
Особена тежина на изложбата ѝ дава присуството на автори чиј творечки опус е неразделно поврзан со развојот и афирмацијата на македонската современа уметност. Преку нивните дела се согледуваат различни естетски определби, уметнички јазици и авторски поетики, но и една поширока творечка линија што ги поврзува различните периоди и генерации.
Во тој контекст, изложбата го истакнува и значењето на Одделението за уметност на Македонската академија на науките и уметностите, во чии рамки се среќаваат врвните достигнувања на македонското уметничко творештво. Преку својата дејност, Одделението има важна улога во афирмацијата, вреднувањето, проучувањето и зачувувањето на уметничкото наследство, но и во неговото претставување пред пошироката културна јавност.
Посебен момент на свеченото отворање беше музичкиот настап на доп. член Драган Даутовски, кој со својот музички израз придонесе отворањето да добие дополнителна уметничка димензија, создавајќи впечатлива врска меѓу визуелната и музичката уметност.
Изложбата во ЦАНУ беше дочекана со голем интерес од присутната публика, а отворањето уште еднаш покажа дека уметноста претставува еден од најсилните начин на комуникација меѓу културите. „Континуитети“ ја продолжува својата приказна токму преку таа комуникација – меѓу македонските и црногорските културни средини, меѓу различните генерации уметници, но и меѓу уметничкото дело и секој поединечен посетител.
Изложбата во Подгорица е значајна и како потврда на континуираната соработка меѓу МАНУ и ЦАНУ, но и како можност македонската уметност, претставена преку некои од своите најзначајни автори, да продолжи да живее во нов простор и пред нова публика.
Со отворањето на „Континуитети“, македонската уметност уште еднаш ја потврди својата творечка разновидност, своето богато наследство и својата отвореност кон нови средби и толкувања.
Изложбата останува отворена до 15 октомври за посетителите во просториите на Црногорската академија на науките и уметностите во Подгорица, како можност за непосредна средба со дел од значајните остварувања на македонската ликовна уметност, наведуваат од МАНУ.
септември 17, 2026
