Connect with us

Фудбал

Хуан Мата ја заврши кариерата

Поранешниот играч од средниот ред на Челзи, Манчестер Јунајтед и шпанската фудбалска репрезентација, Хуан Мата, во петокот објави дека ја завршува играчката кариера.

Шпанскиот фудбалер, кој со репрезентацијата на неговата земја го освои Светското првенство во 2010 година, до неодамна играше за австралискиот премиерлигаш Мелбурн Виктори.

Иако зад себе има исклучително успешна сезона 2025/2026, во која беше прогласен за најдобар играч во австралиската лига, 38-годишниот Мата одлучи да ја заврши кариерата.

„Уживав во секоја минута и сум горд на сè што постигнавме минатата сезона. Повторно се заљубив во фудбалот во градот што имав привилегија да го наречам дом“, изјави шпанскиот фудбалер.

Сепак, Мата ќе остане во фудбалот по завршувањето на својата играчка кариера, бидејќи купи малцински удел во последниот клуб за кој играше. Тој ќе биде претседател на новоформираниот фудбалски одбор на Мелбурн Виктори.

„Последната сезона на Хуан долго ќе ја паметат навивачите на клубот. Верувам дека неговите настапи треба да бидат ценети од сите фудбалски фанови во Австралија“, рече спортскиот директор на Мелбурн, Џон Дидулика изразувајќи го своето задоволство што Мата ќе ја продолжи својата професионална соработка со клубот.

Поранешниот шпански играч од средниот ред поседува и акции во тимот на Формула 1 – Алпен, и во клубот Сан Диего ФК.

Мата има одиграно 41 натпревар за шпанската репрезентација и постигнато десет гола. Покрај светската титула, тој го освои и Европското првенство во Полска и Украина во 2012 година. Ја освои и Лигата на шампионите со Челзи во сезоната 2011/2012.